„Џабе ми се мене милиони ако живеам во држава каде што 90% од работите функционираат погрешно или лошо“, порача новинарот Кристијан Ландов во гостувањето во „Полиграф“ кај Стефонатор, зборувајќи за материјалниот успех, детството и коментарите со кои се соочува во јавноста.
На прашањето дали денес премногу му значи материјалниот успех затоа што растел без него, Ландов одговори негативно. Објасни дека му е важно да има доволно и да биде независен, особено поради професијата што ја работи. Полиграфот покажа дека неговиот одговор е вистина.
„Ми значи тоа што не може никој да ме уцени: еј, направи го ова за да добиеш тоа“, рече тој, посочувајќи дека новинарството е професија подложна на корупција.
Во разговорот, по прашњата, се осврна и на булингот што го преживеал како дете. Потврди дека дел од неговата денешна потреба да биде силен, гласен и непопустлив е последица и на тоа искуство.
Сепак, на прашањето каков човек би бил доколку не бил жртва на булинг, одговори дека веројатно би бил истиот, бидејќи врз него влијаеле повеќе животни околности. Нагласи дека најголемиот дел од приватноста настојува да го задржи за себе.
Ландов зборуваше и за коментарите на луѓе кои, судејќи според тоа што денес го поседува, претпоставуваат дека отсекогаш живеел во изобилство.
„А всушност не било никогаш така“, рече тој, издвојувајќи ја и етикетата „дете на олигархијата“ што ја среќава во коментарите.
За него, како што објасни, личната материјална состојба не може да биде доволна причина за задоволство доколку опкружувањето и државата не функционираат добро.