Претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја изведе песната „La Bohème“ од Шарл Азнавур за време на државна вечера во Ереван, каде што престојуваше заедно со претседателот и премиерот на Ерменија.Мал музички момент се случи за време на вечерата, кога Макрон го зеде микрофонот и ја отпеа познатата шансона, која ги симболизира блиските врски меѓу Франција и Ерменија, пренесува телевизијата BFM.Во изведбата учествуваа и ерменскиот претседател Вахагн Хачатуријан, кој свиреше пијано, додека премиерот Никол Пашинјан симболично се приклучи свирејќи на тапани во импровизираниот настап.Макрон и претходно јавно ја изведувал „La Bohème“, во Елисејската палата во 2023 година за време на вечера со познати личности од светот на модата и музиката.Францускиот претседател престојува во Ерменија во рамки на Самитот на Европската политичка заедница, а неговата посета вклучува и државен дел од програмата во земјата која има изразени франкофонски врски.За време на посетата, Макрон го истакна „посебниот однос“ меѓу Франција и Ерменија, потсетувајќи на историските врски, вклучувајќи го прифаќањето на ерменските бегалци во Марсеј и помошта по земјотресот во 1988 година.Тој, исто така, ја нагласи долгогодишната поддршка на Франција за Ерменија во конфликтите со Азербејџан по распадот на СССР.Макрон и Пашинјан треба да потпишат стратешко партнерство кое ќе ја зајакне одбранбената и економската соработка меѓу двете земји.
