Мирис на мувла не дочекува во зградата 1 од студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје. Истиот мирис кој го чувствувале стотици студенти, кои ова место некогаш го нарекувале дом. Објектот сега е напуштен, а студентите се „преселени“ во другите згради.
За храна и сместување, еден студент месечно плаќа 3.400 денари. Моменталната бројка на студенти сместени во студентските домови во Скопје, под надлежност на Државниот студентски центар, изнесува 2.100 студенти. Оваа бројка секоја година варира, a причините можат да бидат од лоши услови за престој, изборот и квалитетот на храната и тоа дека дел од некои објекти се затвораат поради реконструкција или реновирање. Дел од станарите на домовите велат дека низ годините е изгубената доверба од страна на студентите во институциите, кои треба да претставуваат нивен втор дом.
Според Законот за студентски стандард, студентскиот дом е установа која на студентите им обезбедува сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности. Но, тоа што е на хартија, не значи дека е и реалност. Преку социјалните мрежи студентите редовно ги постираат некогаш комичните, а некогаш трагичните аспекти на живеењето во дом. Меѓу тие видеа има и пожари, поплави, паднат таван, откачени лифтови, нехигиена во тоалетите и лош квалитет на храната.
Ова е истражување на „ВидиВака“ објавено на „Видивака.мк“, каде во целост можете да го проследите.