#ЏЕТ-СЕТ
ВИДЕО: Не ја видел сопругата 7 дена поради пандемијата, па со дигалка се качил до третиот кат
Ник Автгес од САД, кој има 88 години сакал да ја види својата сопруга Марион (61), која престојува во дом за стари лица. Во домот е забранета посета од 14 март поради пандемијата на коронавирусот, а Ник тоа го поднел многу тешко, бидејќи ја посетувал секојдневно.
Нивниот син Крис на „Фејсбук“ објавил дека бара некој кој има камион со дигалка и набрзо нашол од пријател од средното училиште. Тој добил одобрување од домот за стари лица и тргнал во акција. Ник се качил со дигалката до третиот кат, до прозорецот на Марион.
„Пријателе мој, ова е она што треба да нè инспирира. Со децении љубов, верба, охрабрување и посветеност. Моите родители се пример за целото наше семејство и се надевам дека ќе инспирираат и други“, напишал Крис во објавата на неговиот фејсбук-профил.
„Не сум ја видел 7 дена. Да требаше да ме кренат 10 ката, немаше да ми пречи. Едноставно морав да ја видам“, рекол неговиот татко Ник за „Boston Globe“.
Разговарале 20-ина минути, а пред да го спуштат, Ник на прозорецот напишал: „Те сакам, душо.“