Стационарот во рамки на јавното градско претпријатие „Лајка“ официјално е пуштен во употреба. Тој располага со мал административен дел, амбуланта за бездомните кучиња, дел со 50 боксови со подно греење, каде граѓаните ќе можат да си одберат миленик, потоа дел за интензивна нега, постоперативен дел, дел за вработените, како и карантин поделен на два дела – едниот за кучиња кои каснале граѓани, а другиот за болни кучиња. Капацитетот на овој објект е околу 100 кучиња.
На настанот за отворање на стационарот се обрати градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов кој истакна дека со овој објект, поранешниот стационар „Вардариште“ заминува во историјата.
– Градот Скопје е меѓу ретките градови и единствен во регионот кој заради посветеноста што ја имаме кон проблемот со бездомни кучиња имаме посебно јавно претпријатие. Тука ќе работат луѓе кои посветено ќе се дадат на решавање на проблемот со бездомните животни. Станува збор за убедливо најдобрите стандарди кои се пропишуваат во оваа област, секој од кафезите или целиот објект е со подно греење, со цел на животните да им обезбедиме комоција и секој дел е засебен, појасни Шилегов.
Тој очекува проблемот на бездомните кучиња да почнат системски да го решаваат со цел, како што посочи, за една до две години од сега да се намали и бројот на кучиња, но и бројот на граѓани кои се каснати од нив.
– Ова не е и не може да биде работа или посветеност само на Градот, токму заради тоа работевме интензивно во овој период и со Агенцијата за храна и ветеринарство. Ги чипиравме домашните миленици, ќе влеземе во процес на чипирање на животните скитници со цел да биде тој третман што е можно подобар кон сите нив и овој концепт овозможува всушност и да започнеме една широка акција на вдомување на кучињата скитници од улиците кои овде ќе можат луѓето да ги запознаат, да ги прифатат потенцијалните свои домашни миленици, рече Шилегов.
За стационарот, како што соопшти тој, од буџетот на Град Скопје не се издвоени посебни средства, односно за него донирале преку 20 градежни компании. Реализацијата на објектот е вредна 30 милиони денари.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, посочи дека Агенцијата во изминатиот период презела системски активности во делот на намалување на бројот на бездомната популација на кучиња, а нагласи и дека покрај законските измени што ги покренале, изработиле и низа подзаконски акти со кои делот што го опфаќа бездомната популација на животни е опфатен и подзаконски и законски се регулира.
Директорката на претпријатието Тина Петрушевска информира дека дневно добиваат по 30 повици од граѓани кои бараат дислокација на бездомни животни. Заедно со Факултетот за ветринарна медицина, во соработка со АХВ направиле проценка на популација на бездомните кучиња, и како што информираа на теритоијата на град Скопје има 1970 бездомни кучиња.
Доколку некој сака да вдоми миленик, претпријатието ќе има мултифункционален сајт и социјални мрежи каде ќе може луѓето да ги видат милениците кои се подготвени за вдомување, ќе има неколу линии за вдомување, како и меилови за да се закажат состаноци.