Во новиот спот на партијата Српска напредна странка (СНС) на претседателот Александар Вучиќ, ги повикуваат граѓаните да гласаат за нив и ги предупредуваат дека ако не го направат тоа, може да „ги изедат диносауруси“.
„Ако седите дома и не гласате за Вучиќ, опозициски партии ќе се обединат и ќе формираат влада. Тоа ќе значи пропаст на економијата, губење на работните места… Кога ќе сфатите дека сте направиле голема грешка, јасно ќе ви е дека не можете да ја платите киријата. Кога нема да може да ја платите киријата, ви преостанува да направите времеплов, да се вратите назад во времето и да гласате. Кога ќе го искористите времепловот, ако случајно се вратите во далечното минатото ќе ве изеде диносаурус. Зошто би сакале да ве изеде диносаурус? Не останувајте во минатото, гласајте за иднината“, велат во спотот.
Претходно, партијата имаше спот кој вели дека за 4 часа се стига до Грција, помалку време отколку што на жените им треба да се спакуваат за на море. Спотот завршува со слика од претседателот Вучиќ и женски глас кој му вели „Сагапо“.