Медиасет
(Видео) Редок феномен на небото над северна Европа, луѓето воодушевени
Жителите на Франција и Велика Британија синоќа можеа да уживаат во волшебните глетки на разнобојната поларна светлина.
Појавата на поларната светлина на небото на Франција и северна Европа е резултат на неодамнешната сончева ерупција, односно експлозија на честички од Сонцето, кои го нарушуваат магнетното поле на Земјата кога ќе стигнат до нашата планета, пренесува француската телевизија BFM.
Во Алзас, во Клермон-Феран и во регионот Лион, многу корисници на Интернет споделија на социјалните мрежи снимки и фотографии од тој необичен феномен, кој можеше да се види синоќа помеѓу 20:00 и 22:00 часот.
Во глетката на поларната светлина на ноќното небо уживаа не само Французите, туку и жителите на Велика Британија, која се наоѓа посеверно и почесто е изложена на оваа појава.
Луѓето со ентузијазам го гледаа овој феномен, а многумина се потрудија да направат фотографии и видеа кои ги објавија на социјалните мрежи.
Сепак, предупредуваат од BFM, геомагнетните бури можат да бидат придружени и со несакани ефекти, како што е нарушување на високофреквентните комуникации и функционирањето на сателитите или преоптоварување на електричната мрежа.
Операторите на чувствителните инфраструктури биле навреме известени да спроведат мерки за ограничување на таквите ефекти, според француската телевизија.