Snapchat го лансираше Spotlight, новиот дел од својата апликација што ќе прикажува видеа создадени од корисниците, исто како на TikTok.
Видеата ќе бидат во времетраење од најмногу 60 секунди, исто како и кај ТикТок, a ќе бидат исклучиво со забавна содржина. За да ги привлече креаторите кои веќе снимаат слични видеа на ТикТок или Инстаграм, Снепчет оди дури и подалеку, па така, компанијата тврди дека ќе исплаќа по 1 милион долари дневно до крајот на годината, пари кои ќе бидат поделени помеѓу неколку корисници чии видеа станале вирални. Оваа пракса, доколку се покаже како успешна, најверојатно ќе продолжи и во 2021 година.
Она што ќе го разликува „Спотлајт“ од ТикТок е тоа што коментарите на видеата нема да бидат достапни јавно за секого, односно ќе можат да ги читаат само корисниците што го следат креаторот на видеото. Исто така, доколку креаторот одлучи неговиот профил да биде приватен (сокриен), останатите корисници нема да знаат чие е видеото кога ќе го видат на почетната страна на „Спотлајт“. Со други зборови, видеото нема да го содржи жигот со името на корисникот, нешто што е практика на ТикТок.
Новата алатка на Снепчет за почеток ќе биде достапна во 11 земји, меѓу кои САД, Велика Британија, Франција, Германија и Австралија. Засега нема најава кога истата ќе биде лансирана во другите земји од светот.