Во силниот земјотрес што вчера ги погоди егејскиот брег на Турција и источниот грчки остров Самос, загинаа најмалку 26 лица, а над 800 беа повредени.
Спасувачките екипи пробиваат бетонски блокови од урнати згради во потрага по преживеани во Измир, третиот по големина град во Турција, кој беше најмногу погоден од земјотресот.
Снимките направени со дрон го покажуваат ужасот што го остави силниот земјотрес од речиси седум степени, по кој следеа околу сто помали. Областа беше зафатена и од „мало цунами“.
Може да се видат згради претворени во купишта урнатини. Турското министерство за управување со вонредни состојби соопшти дека и денеска траат спасувачките акции во 17 урнати или оштетени згради.
Повеќе од 3.000 спасувачи се испратени во Измир.