#ТРЕНД
(ВИДЕО) Сопругата на Коби низ плач за легендата и нивната ќерка Џиана: Таа беше татино девојче, но ја сакаше и мама
Ванеса Брајант со емотивен говор ги трогна сите присутни на комеморацијата за Коби и Џиана во „Стејпл Центарот“ во Лос Анџелес.
Додека очите постојано ѝ се полнеа со солзи, таа се потсети на легендарниот кошаркар и нивната 13-годишна ќерка кои прерано починаа во хеликоптерска несреќа.
За Џиана
Џиана Брајант е неверојатно слатка и нежна душа. Секогаш беше внимателна, секогаш ме бакнуваше за добра ноќ и добро утро.
Во неколку наврати, кога бев апсолутно преморена зашто бев будна со Бјанка и Капри, мислев дека заминала на училиште без да се збогуваме. Ќе ѝ пратев СМС: „Нема бакнеж?“ Џиана ќе ми вратеше: „Мама, те бакнав, но ти спиеше и не сакав да те будам.“ Таа знаеше колку ми значат вечерните и утринските бакнежи.
Таа беше татино девојче, но знам дека си ја сакаше нејзината МАМА. Секогаш ми кажуваше и покажуваше колку многу ме сака. Таа ми беше една од најдобрите пријателки.
Сакаше да пече слатки, сакаше да мами насмевки на сечие лице. Минатиот август, таа направи прекрасна роденденска торта за нејзиниот ТАТО. Тортата на Коби изгледаше како да е декорирана од професионалец…
… Џиџи беше многу компетитивна, како нејзиниот татко, но Џиана имаше слатка грациозност во неа. Нејзината насмевка беше како сонце. Нејзината насмевка го заземаше целото нејзино лице, како мојата. Коби секогаш велеше дека таа е јас. Таа ги имаше мојот оган, мојот карактер и сарказам, но беше нежна и полна љубов внатрешно. Ја имаше најубавата насмевка. Беше заразна, беше чиста и искрена.
Коби и Џиана природно гравитираа еден околу друг. Таа ја имаше способноста на Коби да слушне песна и да го запомни цел текст само по неколку слушувања. Тоа беше нивен таен талент. Таа беше неверојатен спортист. Беше одлична во гимнастика, фудбал, танц и кошарка. Беше и неверојатна танчарка.
Џиџи беше самоуверена, но не на арогантен начин. Сакаше да им помага и да ги учи другите луѓе…
… Џиџи беше сонце и ми го осветлуваше денот, секојдневно. Ми недостига да гледам во нејзиното убаво лице. Отсекогаш ги почитуваше правилата, знаев дека секогаш можам да сметам на неа дека ќе го направи правилното нешто. Беше ќерка полна со љубов, внимателна помала сестра и будалеста поголема сестра.
Нема да можеме да ја видиме Џиџи да оди во средно училиште со Наталија и да ја прашаме како ѝ помина денот. Немавме можност да ја научиме како да вози автомобил. Нема да можам да ѝ кажам колку прекрасно изгледа на нејзиниот свадбен ден. Никогаш нема да ја видам мојата малечка како чекори до олтарот, како танцува со татко ѝ, да танцува со мене или да има свои деца. Џиана ќе беше неверојатна мајка.
Џиџи веројатно ќе станеше најдобра во WNBA. Ќе направеше голема разлика во женската кошарка. Џиџи беше мотивирана да го промени мислењето на сите кон жените во спортот. Таа пишуваше на училиште во одбрана на жените и дека не е фер разликата во платите во NBA и WNBA.
Не можам да си го замислам животот без неа.
За Коби
Коби беше познат како бестрашен соперник на кошаркарскиот терен, најдобриот на сите времиња, писател, Оскаровец и Црната мамба. Но, за мене, тој беше Коко, мој ‘бубу’, мој ‘бејбу’, мој ‘папи чуло’. Не можев да гледам на него како на славна личност, ниту како на неверојатен кошаркар. Тој беше мој сладок сопруг и прекрасен татко на нашите деца. Тој беше мој, тој ми беше сè.
Со Коби бевме заедно од времето кога имав 17 и пол години. Јас му бев прва девојка, негова прва љубов, негова сопруга, негова најдобра пријателка и негов заштитник. Тој беше најневеројатен сопруг. Коби ме сакаше повеќе одошто можам да опишам со зборови. Тој беше ранобуден, јас бев ноќна птица. Јас бев оган, а тој беше мраз, а понекогаш и обратно. Се балансиравме. Тој ќе направеше сè за мене…
..Тој ми ги подари бележникот и синиот фустан кој Рејчел Мекадамс ги носеше во филмот „The Notebook“. Кога го прашав зошто го избра синиот фустан, тој ми рече дека тоа е фустанот кој Али го носи кога се враќа кај Ноа. Се надевавме да остариме заедно, како во филмот. Навистина имавме прекрасна љубовна приказна.
…Беше многу лесно да ги сакаш. Сите природно гравитираа кон нив. Тие беа шеговити, среќни, будалести и го сакаа животот.
Бог знаеше дека не можеа да бидат на Земјата еден без друг.
Бејб, ти грижи се за нашата Џиџи, а јас ги имам Нани, Биби и Коко. Сè уште сме најдобриот тим. Ве сакаме и ни недостигате, Бубу и Џиџи. Почивајте во мир и забавувајте се во рајот додека еден ден повторно не се сретнеме.