Популарниот видео-сервис YouTube воведува нов изглед и функционалности на веб-верзијата, мобилните уреди и паметните телевизори, со цел да го направи корисничкото искуство почисто, поинтуитивно и повеќе насочено кон самите видео-содржини, наместо кон дополнителните визуелни елементи.Најзначајната промена е редизајнот на видео-плеерот, кој сега изгледа поелегантно и минималистички, со нови икони и анимации што се појавуваат при интеракција – како на пример при лајкување или додавање клипови во плејлиста. Контролите за премотување и паузирање се направени попрегледни, а прелистувањето меѓу различни делови на мобилната апликација е значително пофлуидно.Подобрена е и „Seek“ функцијата, која сега овозможува со двоен допир на екранот да се прескокне дел од видеото.Меѓу новитетите се и „thread“ коментарите, односно коментари организирани во нишки – слично како на Reddit – што им овозможува на корисниците полесно да го следат текот на разговорите под видеата.Дополнително, воведена е и опцијата за гласовни коментари, која досега беше достапна само за ограничен број креатори на содржина.Од YouTube соопштуваат дека новите опции ќе бидат достапни постепено за сите корисници ширум светот во текот на оваа недела, како дел од пошироката стратегија за модернизација и подобрување на интеракцијата со публиката.
