Медиасет

(Видео) Заборавете на Миконос и Санторини: Туристите открија грчки остров со 20 жители

Објавено на

Антикитера, мало грчко островче сместено на самиот раб на Егејското Море меѓу Крит и Пелопонез, станува сè попопуларна дестинација за туристите кои бараат мирен и опуштен одмор, далеку од метежот на познатите летувалишта како Миконос и Санторини.На островот живеат само околу дваесетина жители, а локалното население го нарекува „земски рај“ поради тишината, природата и чувството на изолираност. Иако животот таму не е секогаш лесен, жителите велат дека мирот што го нуди островот вреди за сите предизвици.Во зимските месеци често се случува бродовите со намирници да не можат да пристанат поради немирното море, па жителите остануваат без основни производи. Речиси сè што е потребно за живот на островот пристигнува по морски пат – од храна до гориво.„Нема друго место во светот каде може да се најде таков апсолутен мир и тишина“, вели Јанис Цинакос, пензиониран генерал на грчкото воено воздухопловство, кој голем дел од времето го поминува токму на Антикитера.Поради стареењето на населението, островот со години се соочува со намалување на бројот на жители. Училиштето, кое било затворено 24 години, повторно било отворено дури минатата година, кога на островот се доселило младо семејство со деца.Во обид да привлечат нови жители, локалните власти и Грчката православна црква започнале кампања за населување на островот. На Антикитера има само едно традиционално кафуле, кое истовремено служи и како продавница и главно место за собирање на мештаните.Во летниот период островот оживува кога потомците на жителите, особено оние кои живеат во Австралија, се враќаат на одмор. Туристите кои го посетуваат островот најчесто бараат целосен мир, недопрена природа и осаменост.Антикитера е позната по дивата природа, малите ридови, пештерите и осамените песочни и камчести плажи, како и по старите патеки кои овозможуваат долги прошетки низ природата.Островот има и богата историја. Најпознат е по откривањето на прочуениот Антикитерски механизам – древен уред за астрономски и календарски пресметки стар повеќе од 2.000 години, кој денес се чува во Националниот археолошки музеј во Атина.

Трендинг

Exit mobile version