#ЏЕТ-СЕТ
Во Средоземното Море секоја година завршуваат над 200.000 тони пластика
Повеќе од 200.000 тони пластика завршуваат во Средоземното Море секоја година, објави Меѓународниот сојуз за зачувување на природата (IUCN), со строго предупредување дека таа количина ќе се зголеми двојно до 2040 година доколку не се преземат драстични мерки.
Новиот извештај на IUCN со наслов „Медитеран: Море од пластика“, заснован на теренски студии, проценува дека 33 медитерански земји фрлаат 229.000 тони пластика годишно, што е количина поголема од онаа на 500 бродски транспортни контејнери.
Дури 94 проценти од пластиката завршува во морето како резултат на лошото управување со отпадoт и се таложи на морското дно во форма на микропластика или честички помали од пет милиметри.
IUCN проценува дека можеби 3,5 милиони тони пластика се насобрале во Медитеранот на овој начин.
„Загадувањето со пластика може долгорочно да им наштети на копнените и морските екосистеми и на биодиверзитетот. Морските животни може да се заплеткаат во пластичен отпад или да го проголтаат и на крајот да умрат од исцрпеност и глад. Покрај тоа, пластичниот отпад ослободува хемикалии во животната средина, кои може да бидат штетни за екосистемите и здравјето на луѓето, особено во полузатворено море како Средоземното“, рече Мина Епс, директорка на Глобалната поморска и поларна програма на IUCN.