Медиасет.мк

#ОХРИД

Заев и градоначалникот на Охрид Георгиески: Охриѓани добиваат безбедна улица, а младите од Охрид и регионот современо училиште за средно стручно образование


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска, во придружба градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески и на пратениците направи увид во работите на реконструкцијата на спортската сала и спортските терени на Општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“, и ја пуштија во улицата „15-ти Корпус“ – една од најзначајните сообраќајни артерии на Охрид.

„Станува збор за исклучително важна улица бидејќи таа e влезот во градот за сите оние што во Охрид пристигнуваат од Ресен, Битола, Прилеп и од другите градови од истокот и југоистокот на нашата земја. Улицата е од исклучително значење за жителите од овој дел на градот, како и за сите индустриски капацитети и фирми кои гравитираат во индустриската зона која се протега долж улицата“, нагласи премиерот Заев на настанот.

Проектот за реконструкција опфати замена на атмосферската канализација и поставување на нов асфалт на коловозот и комплетното уредување на пешачките и велосипедските патеки од двете страни на улицата.

За реализација на овој значаен проект Општина Охрид издвои 30 милиони денари од општинскиот буџет, а останатите средства во износ од 28 милиони денари се обезбедени од ЈП „Државни патишта“.

„Охриѓани, но и нашите редовни гости кои пристигнуваат во Охрид од овој приод кон градот, многу добро се сеќаваат во каква руинирана состојба беше оваа улица. Ценејќи ги вистинските и приоритетните потребни на граѓаните, но и на фирмите кои гравитираат во овој дел на градот одлучивме да го реализираме овој голем проект“, рече градоначалникот Константин Георгиески.

Тој најави дека паралелно со реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница во завршна фаза е уште еден голем и сложен инфраструктурен проект, а тоа е реконструкција на улицата „Абас Емин“.

На увидот на работите на реконструкцијата на спортската сала и спортските терени на Општинскиот електромашински училиштен центар „Св. Наум Охридски“ беше истакнато дека ова средно училиште доживеа речиси целосна реконструкција и обнова.

Во 2019 година со поддршка на Министерството за образование беа обновени прозорците и дел од кровната конструкција, а во 2020 година беше завршена обновата на покривот и комплетно реконструирана фасадата со што училиштето доби сосема нов лик.

Сега се во тек работите на реконструкцијата на спортската сала и на спортските терени и со тоа ова училиште го добива целосниот модерен и функционален училиштен центар со сите погодности за изведување квалитетна настава.

„Ова училиште, како партнер на програмата за дуално образование има посебно место во нашиот образовен систем со оглед на фактот што за оваа новина во нашето образование посветуваме посебно внимание за да биде целосно и успешно имплементирана“, истакна премиерот Заев.

Дополнително, Oпштина Охрид ги реновираше сите училници, кабинети и канцелариски простории, а со цел да се овозможи поголема функционалност на онлајн часовите за учениците од ова средно училиште беа набавени 20 нови десктоп компјутери.

На почеток
error: