Медиасет
„Зоки создаваше ѕвезди кои не можеле да замислат да ги има на социјална мрежа, а камо ли на медиуми!“, напиша Јанески
Македонскиот новинар Огнен Јанески, се прости со Зоран Василевски-Фаци, кој почина по долга борба со ракот.
„Зоки беше еден исклучително специфичен пример во македонското новинарство за естрадата и забавата. Особено зашто долги години создаваше ѕвезди и од тие кои никогаш не би можеле да замислат да ги има и на објава на социјална мрежа, па камо ли на медиуми. Можевме да се согласуваме со Зоки – или воопшто да не го поддржуваме во многу од неговите потфати и кариерни дострели, но, фактот дека човекот придонесе многу за одржувањето на естрадата кај нас преку медиумски пристапи, па макар држејќи ја и на стаклени нозе, е неспорно, и токму поради таквата креативност тој и ќе ѝ недостасува на оваа земја, од поглед на шоубизнисот и новинарството, воопшто.
Приватно, Зоки едноставно, постојано беше оптимистичен и насмеан, дури и кога го туркаа до работ на општествените случувања. Не сме се согласувале секогаш, сме се препирале за некои нешта, но, тоа беше за позитивно ценење на комуникација, зашто така се развиваат креативните нешта.
Почивај во мир, Зоки. Допрва ќе недостасува твојата умешност на естрадата и во шоубизнисот“, напиша Јанески.