Американската национална администрација за аеронаутика и вселена (НАСА) најави дека заедно со акционата sвезда Том Круз се подготвуваат за снимање на филм во вселената.
„НАСА е возбудена што работи со Том Круз на филм во вселенската станица!“, напиша администраторот на НАСА, Џим Брајденстин, на Твитер.
„Ни требаат популарни медиуми за да инспирираме нова генерација инжинери и научници да ги направат амбициозните планови на НАСА реалност“, додаде Брајденстин.
Тој не откри детали, но твитот уследи по веста што ја објави интернет-порталот „Дедлајн Холивуд“ дека Круз работи со Елон Маск, основачот на „Тесла“ и „Спејс-икс“, на создавање на првиот долгометражен филм снимен во вселената.
Проектот, акција-авантура, е во рана фаза, објави „Дедлајн“ во понеделникот.
Претставниците на Круз не одговорија на барањето за коментар.
Ѕвездата од серијалот „Невозможна мисија“ Круз (57) е познат по своите акциони филмови и по тоа што сам ги изведува опасните сцени, без каскадери.
Тој управува со борбени авиони за претстојниот „Топ Ган: Маверик“, виси од страната на авион при полетување во „Невозможна мисија“, се искачува на облакодерот Бурџ Калифа во Дубаи – највисоката зграда во светот – за четвртото продолжение „Невозможна мисија: Протокол дух“.