Медиасет.мк

#ФОКУС

Да го поздравиме херојот: Ова е докторот кој спаси дете кое се давеше во Охрид

Доктор Ристе Зимоски од Кавадарци, специјализант по хирургија кај д-р Жан Митрев е тивкиот херој кој го спаси детето од давење кај Десарет, Охрид, пред два дена.

27-годишниот кавадарчанец, изненаден поради јавниот интерес, неколку пати повтори дека воопшто не би сакал да биде во центарот на вниманието, бидејќи, како што вели, помагањето е само суштината на неговата професија.

-Настанот се случи на плажата Десарет до самото пристаниште… Еден капач го забележа детето во водата, блиску до еден глисер кој беше врзан на самото пристаниште. Побара помош, се стрчав му помогнав да се извади од вода заедно со уште неколкумина помеѓу кои и таткото на детето.

Тоа беше во бесознание, со цијанотични усни и миотични зеници… Од тука го префрливме на лежалка под сенка, дишењето попат успеавме да го вратиме, но сеуште во бесознание, белите дробови не се експандираа добро.

Го свртивме во бочна позиција, го истапкав по гради да испровоцираме исфрлање на водата… Палпирав стомак, видов дека е дистендиран, па со силен притисок на истиот успеа под млаз да исфрли голема количина на вода и тогаш се разбуди“, вели Зимоски.

Тој вели дека и покрај тоа што знаел што точно треба да прави, сепак емоцијата која била присутна за целото време, бил стравот.

-Ситуацијата беше драматична, напната, родителите беа испаничени… Да бидам искрен, чувствував страв, иако ги знам чекорите и постапките, кога станува збор за дете во ваква состојба, чувствував дури уште поголема одговорност да реагирам правилно. Приказната имаше среќен крај. Понатаму нема информации во каква состојба е детето од кога е пренесено во болница. Малку подоцна, но исто така, вклучена беше уште една докторка по општа медицина која ми помагаше-раскажува докторот, кој вели дека поради брзината со која се одвивале работите, не знае кои се родителите на детето. Потенцира дека тоа е најмалку важно, бидејќи неговата мисија била детето да биде добро.

-Не знам како ова стана јавно, јас дури и сметам дека не треба да биде, бидејќи ние сме доктори, спасувањето ни е задача во секое време, на секое место. Драго ми е што бев таму во тој момент, што помогнав, но тоа е основата на нашата професија.

Извор: Фокус

Кликни за да коментираш

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

На почеток
error: