Довербата на Европејците во вакцината на „Астразенека“ oпаѓа откако неколку земји пријавија несакани ефекти, како што се згрутчување на крвта, иако научни студии утврдија дека вакцината е безбедна и ефикасна, покажува истражување на јавното мислење.
Така, зголемен е бројот на Французи, Германци, Италијанци и Шпанци кои сметаат дека вакцината е небезбедна, иако тоа не влијаело на довербата во другите вакцини, односно на „Фајзер“ и „Модерна“, покажува истражувањето спроведено од Институтот за истражување на јавното мислење „Југов“ (YouGov). Истражувањето опфатило околу 8.000 луѓе во седум европски земји, а било спроведено меѓу 12 и 18 март.
61 процент од Французите сметаат дека вакцината не е безбедна, 18 проценти повеќе отколку во февруари, а истото го мислат и околу 55 проценти од Германците или 15 проценти повеќе во споредба со минатиот месец.
Во Италија и Шпанија повеќето луѓе сметале дека вакцината од „Астразенека“ е безбедна, 54 и 59 проценти, но тие стапки во последното истражување опаднале на 36 и 38 проценти, наведува „Југов“.
Само во Велика Британија довербата во вакцината е стабилна, покажа истражувањето. Мнозинството од испитаниците, 77 проценти, сè уште велат дека вакцината е безбедна, во споредба со 79 проценти кои имаат доверба во вакцината на „Фајзер“.
Европската агенција за лекови (ЕМА) ги испита извештаите за невообичаените крвни нарушувања кај примателите на вакцината од „Астразенека“ и минатата недела објави дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците и препорача и натаму да продолжи нејзината употреба.
Во текот на март голем број европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија, престанаа да ја користат вакцината откако Данска и Норвешка пријавија изолирани случаи на крвавење, згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити.