#ФОКУС
Хуманост на дело: Прележал свински грип и Ковид-19, а сега ќе спаси живот со донирање крвна плазма
Во ова Корона лудило најважно е да бидеш свесен и совесен граѓанин, да си помогнеш себе си, но и да им помогнеш на другите. Таков пример на самосвест е скопјанецот Никола Петкоски, кој од вчера веќе не е позитивен на Ковид-19. Но,она низ што поминал месецов е доволен показател како треба да се реагира во оваа состојба. Никола за mms.mk го сподели своето искуство и тоа од моментот кога ги почувствувал првите симптоми, се до конечното излекување и сега вели: „Следен чекор е да дарувам крвна плазма, ако можам да спасам нечиј живот.“
-И сега не знам од каде се заразив. Работам на ЈЗУ УК Државна кардиохирургија, но сум сто проценти сигурен дека не сум се заразил на работа, бев доволно заштитен. Се си мислам дека ми е од возењето во автобус, додека одев и се враќав од работа. Медицинско лице сум, на работа сме со визири, маски, очила и се како треба. Или можеби имало некој околу мене, некој што бил заразен, а криел. Што е многу полошо. Јас веднаш штом почувствував симптоми се јавив на работа и кажав дека додека не се тестирам нема да доаѓам. Веднаш се јавив на матичната, која ме праша кои симптоми ги имам и кажав дека немам мирис и вкус, дека чувствувам малаксаност и многу силна кашлица. Господ здравје да и даде на матичната д-р Светлана Пејова, таа беше во контакт со мене сите 24 дена. Таа ми закажа следниот ден да се тестирам во Поликлиника „Јане Сандански“ и ден по тестирањето ми се јави да ми каже дека сум позитивен. Веднаш се јавив на работа и кажав. На работа не одев од 25 мај, поделени сме во групи и требаше да почнам од први јуни. Но, ете што се случи, вели Никола.
Немал тешка клиничка слика, на моменти чувствувал градна болка и отежнато дишење, но веќе шестиот ден откако му ги дале антибиотиците му било многу подобро. Секој ден му било се подобро и подобро, освен кашлицата која тешко се смирувала. Пиел сумамед, витамин Ц, аспирин, парацeтамол, по потреба, евентуално ако кренел температура. Првиот тест го направил во четвртокот, на 18 јуни, а вториот завчера и за среќа двата се негативни. Сега, вели тој, останува да провери дали може да донира крвна плазма за да може да помогне на некој друг.
-Јас сум крводарител, имам 28 години, а досега имам дарувано крв дури 44 пати, и плус тромбоцити. Следен чекор е дарување крвна плазма. Не се мислам за тоа ниту момент. Првата прилика кога треба, ќе одам на проверка и доколку ги исполнувам условите веднаш ќе донирам. Моите 350 милилитри крв на некого ќе му спасат живот, и јас се надевам дека со оваа дарување досега ако не повеќе барем на четворица сум спасил живот, додава тој.
За неговите 28 години Никола по втор пат поминува низ вакво искушение. Сега го надмина Ковид-19, а пред 12 години, кога бил средношколец се соочил и со свински грип. Бидејќи на своја кожа почувствувал што значи да си болен, затоа и не само што бил хуман и 44 пати дарувал крв, дарувал тромбоцити, туку и ќе донира и крвна плазма.
-Кога бев средно школо прележав свински грип. Не знам од кај сум фатил, но знам дека наеднаш ме пресече, малаксав ми се чини во секунда, тогаш имав и висока температура, скоро 41.2 . Тогаш лежев и на Инфективна можеби 10тина дена и за среќа добро се заврши. Затоа сметам дека за вакви ситуации нема потреба од криење. Криењето контакти е најлошо нешто, бидејќи тој е потенцијален да зарази уште 10 и да затвори дома уште толку.
Целиот текст можете да го прочитате на ммс.мк