Ако оваа година планирате летниот одмор да го поминете во Грција, бидете внимателни кога пливате во морето, бидејќи во поголем дел во близина на плажите на Егејското море се забележани јата опасни виолетови медузи.
Оваа појава на зголемена бројка на виолетовите медузи се должи на климатските промени и зголемено ловење на големи риби, а оваа сезона прво се појавиле во Јонското море, од каде морските струи ги однеле во Егејското море.
Виолетовите медузи се со големина од 6 до 10 см, а ако ве испече оваа медуза болката може да трае и од 1 до 2 недели.
Грчките здравствени служби објавија како да постапите ако ве испече оваа медуза:
- На опекотината не ставајте: чиста вода, оцет, алкохол и амонијак!
- Испеченото место треба веднаш да се измие со триење со морска вода.
- Ако имате сода бикарбона – премачкајте го местото со раствор од сода бикарбона и морска вода во сооднос 1:1, потоа тријте го местото околу 2 минути, за да се спречи понатамошно ширење на отровот.
- Со пластичната картичка треба да се иструга остатокот од сода бикарбоната, а доколку има остатоци од пипците на медузата – треба да се извадат со пинцета.
- На опекотината се препорачува да се стави мраз завиткан во ткаенина и да се држи 5 до 15 минути.
- Ако болката трае и после 15 минути од нанесување на мразот, потребно е повторно да се стави мраз во траење од 5 до 15 минути.
- Доколку болката и понатаму не поминува, потребно е веднаш да посетите доктор.
- Со вас носете и лекови против алегија и крем со кортизон.
Досега не е регистриран случај со фатални последици.