Кинеската индустрија за хуманоидни роботи се соочува со сè поголем притисок да покаже дека нејзините производи можат да бидат повеќе од атрактивна демонстрација. Инвеститорите и потенцијалните купувачи сè почесто бараат докази дека роботите можат сигурно да извршуваат реални работни задачи и притоа да бидат економски исплатливи.
Во последните две години кинеските производители привлекуваа внимание со спектакуларни демонстрации, од танцување до боречки вештини. Сега, сепак, фокусот се префрла кон практичната примена. На Светската конференција за роботи во Пекинг, која трае од среда до недела, учествуваат повеќе од 300 компании со над 2.000 изложбени примероци и повеќе од 150 нови производи, според податоците на градските власти.
Конференцијата се одржува во период кога кинеската компанија Unitree, еден од водечките светски производители на хуманоидни роботи, се подготвува за излегување на берзата. Основачот на компанијата, Ванг Сингсинг, во четврток ќе говори за развојот на индустријата во следната деценија.
Сè поголемото внимание од инвеститорите доведува и до промена на критериумите според кои се оценуваат роботите. Наместо само да изгледаат импресивно, тие треба да покажат колку продуктивно работат, колкав човечки надзор им е потребен и дали нивната употреба навистина ги оправдува трошоците.
Во Кина веќе има роботи кои се користат за одредени задачи, меѓу кои достава на храна во хотели и работа на делови од производствени линии. Сепак, нивната поширока примена во различни индустрии сè уште е ограничена.
Компанијата Lumos Robotics, која на конференцијата го претставува својот робот MOS со поддршка од Mitsubishi Electric, го развива производот за индустриски задачи, како проверка на опрема и ракување со материјали. Извршниот директор Ју Чао за Reuters изјавил дека најголем ризик преземаат компаниите кои развиваат роботи, модели или податоци, но не покажуваат како тие можат да се користат во реални услови.
„На крајот сè ќе се сведе на едноставно прашање: дали роботот може да создаде вредност за купувачот?“, изјавил Ју.
Дополнителен проблем останува високата цена. Роботичарот Георг Штилер проценува дека од 50 до 70 отсто од хуманоидните роботи произведени годинава би можеле да завршат во центри за податоци, каде што би се користеле за собирање податоци за обука, наместо директно за извршување задачи кај клиенти.
Според проценка на кинеската брокерска куќа Guotai Securities, индустриски хуманоиден робот би требало да чини околу 20.500 евра, вклучувајќи го и одржувањето, за во рок од две години да стане исплатлив во споредба со работник чија годишна плата изнесува околу 10.250 евра. Реалните цени на ваквите роботи, сепак, се движат од приближно 39.000 до 65.000 евра, според берлинскиот институт MERICS.
Вистинскиот тест за способностите на роботите ќе следи и на Светските игри на хуманоидни роботи во Пекинг. Покрај трки, фудбал и борби, роботите ќе се натпреваруваат и во задачи што наликуваат на реални работни процеси. Меѓу нив се пакување и складирање производи, работа во индустриско производство, полнење електрични возила, поврзување кабли и користење алати.
Токму ваквите задачи треба да покажат дали роботите можат да препознаат непознати предмети, да повторуваат работни процеси, сами да ги исправат грешките и да ја завршат задачата без постојана помош од инженер.
Предизвикот, сепак, не е ограничен само на Кина. И американските компании се соочуваат со недостиг на обучени оператори, како и со високи трошоци за транспорт, поставување и одржување на роботите. Дополнително, геополитичките тензии влијаат врз развојот на индустријата.
Според проценка на истражувачката компанија IDC, Кина учествува со дури 82 отсто од светските испораки на хуманоидни роботи.