#КИНО
Комедијата „Налепница“ на Георги Унковски е најдобар краток филм на „Бруклин филм фестивал“
Комедијата „Налепница“, работена по сценарио и режија на Георги Унковски ја доби наградата за најдобар краток филм на „Бруклин филм фестивал“ во Њујорк.
„Налепница“ е црна комедија во која главната улога ја толкува Сашко Коцев. Филмот зборува за неуспехот на еден човек да ја обнови сообраќајната дозвола, но сепак тргнува на пат и заглавува во лавиринтот на бирократијата. Филмот се снимаше шест дена на повеќе локации во Скопје, а трае 19 минути.
Освен Коцев, во филмот глумат и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска и Димитрија Доксевски. Сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите се авторство на Роза Трајческа, монтажата ја направи Мартин Иванов, а звукот го дизајнираше Сашко Мицевски.
Филмот премиерата ја имаше во септември 2019 година, а беше прикажан и на реномираниот фестивал за независен филм, Санденс.