#КИНО
Летово ќе се снима и втор дел од серијата „Јужен ветер“
Премиерата на филмот „Јужен ветер“ е одложена за почетокот на 2021 година, потврди за српските медиуми режисерот Милош Аврамовиќ. Тој вели дека на средината на летово ќе почне да се снима и вториот дел од популарна серија, а дека сценариото се пишува и е пред крај.
„Планираме на 22 јули да почнеме да го снимаме продолжението на серијата. Размислувавме да воведеме нови женски ликови и да им дадеме поважни улоги, бидејќи досега некако ги снемуваше во расплетот. Ќе се потрудиме во втората сезона да го поправиме тоа. Крајот на серијата го обележи враќањето на Мараш (Милош Биковиќ) на криминалот, но и најава за нова војна со другите наркокартели. Токму затоа публиката ја очекуваат интересни заплети во продолжението. Ќе бидеме ориентирани и кон односот меѓу Мараш и неговиот брат, кој доаѓа од Америка, но засега толку само ќе најавиме“, вели режисерот Аврамовиќ.
Филмот и серијата предизвикаа големо внимание во регионот поради тематиката, но режисерот и глумците не сметаат дека таа го промовира криминалот, туку претставува само една уметничка креација.
„Кога бев мал уживав да ги гледам филмовите со Шварценегер, но и ‘Кум’, ‘Лице со лузна’, а потоа не ми паѓаше на ум дека би било добро кога ќе пораснам да станам криминалец. Мислам дека е апсурдно тоа што некои го зборуваат дека серијата го промовира криминалот и ги учи децата на лоши вредности. Па нели за воспитувањето се задолжени родителите и општеството, а не филмовите и телевизиските серии. Мислам дека ‘Јужен ветер’ ги наведе луѓето да бидат креативни, бидејќи добивме еден куп интересни видеоклипови, музика и цртежи од обожавателите“, рекол режисерот Аврамовиќ.
Главните улоги во серијата ги играат Милош Биковиќ, Раде Манојловиќ, Миодраг Радоњиќ, Богдан Диклиќ, Милош Тимотијевиќ и други.