#ФАЦИ

Македонски пејачи добија уникатен „седи дома“ поклон од познат дизајнер

Објавено на

Пет македонски пејачи – Антониа Гиговска, Тамара Тодевска, Васил Гарванлиев, Туна и Викторија Лоба, се дел од најновата кампања на компанијата SWithADot. Под мотото „Седи дома“, компанијата која изработува уникатни обувки, им направи необични топлинки на македонските пејачи. Секој пар е со оригинален дизајн, прилагоден на карактерот на секој од нив.

„Дизајнот на Тамара е инспириран од поп-арт бидејќи таа е ведра, смела, позитивна жена; дизајнот на Антониа е младешки во камо стил; Туна обожава анимал-принт па затоа се одлучивме за таков стил, а пораката ‘Седи дома’ е напишана на албански јазик; дизајнот на Викторија вклучува гладиоли, нејзиното омилено цвеќе во нејзините две омилени бои; а Васил сам ги нацрта сите елементи што се насликани на неговите обувки и ние само ги пренесовме на нив за да бидат автентични“, раскажа Сатја Грабулоски, дизајнер и сопственик на компанијата.

Идејата за реализација на овој проект дошла од американската агенција со која од неодамна соработуваат Сатја и неговиот тим. Во оваа агенција како ексклузивци членуваат Ријана, Дрејк, Тревис Скот и други светски ѕвезди.

„Задоволство ни е што во ова време-невреме можеме да направиме една светска кампања во која главната улога ја имаат нашите ѕвезди. Досега ме критикуваа дека работам само со светски ѕвезди, а дека нашите ги занемарувам. Затоа сакам да им се заблагодарам на сите што прифатија да ги искористиме нивните моќни гласови и нивната музика како инспирација за да изработиме ултра ексклузивни дизајни. Тоа се единствените пет пара топлинки од овој тип што постојат на планетата, соработка на нашата компанија со познат шведски бренд, а да ги направиме специјално за нашите пејачи“, вели Грабулоски.

Познатиот дизајнер, кој веќе неколку години изтработува патики и чевли со уникатни дизајни за ѕветските ѕвезди, им нацрта патики и на Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Дуа Липа, Стив Аоки, Френч Монтана но и мартинки на Мајли Сајрус. Негови оригинални дизајни носеа и Тимур Дибиров, Борко Ристовски, Андреа Лекиќ, Лука Циндриќ, Горан Пандев, Роберт Левандовски, Јоан Канељас. Во моментов е актуелен со дизајнот за филмската ѕвезда Зендаја.

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

Exit mobile version