#ФОКУС

Манчевски ќе започне да го снима новиот филм „Кајмак“, но открива и детали за животот во Холивуд

Објавено на

Македонскиот режисер Милчо Манчевски напролет ќе почне да го снима новиот филм „Кајмак“. Црната комедија, која зборува за љубовта и погрешните избори, ќе биде негов седми филм. Овој филм доаѓа 25 години откако „Пред дождот“ на Милчо стана првиот македонски филм номиниран за „Оскар“.

Освен што режира, тој самиот ги пишува и сценаријата за своите филмови. Вели дека пишувањето му е прва љубов, а режијата му се случила спонтано. Така некако настанало и сценариото за „Пред дождот“. „Имав спремен говор за ‘Оскарите’ и беше прилично скандалозен“, вели тој и на шега додава дека сакал да се пензинора оти дознал дека Мик Џегер е воодушевен од филмот. „Бев на неговиот роденден и додека тој на својот продуцент му го раскажуваше ‘Пред дождот’, си реков – добро, сега е време за пензија“.

Ни откри дека Холивуд не е толку гламурозен како што изгледа. Иако имал понуди од сите големи студија, си заминал оттаму. Не му е криво ни тоа што Ричард Гир не глумеше во „Прашина“.

„Среќен сум што на крајот не беше дел од филмот“, откри тој за „Репортер“.

Приказни има многу: од тоа како си поминал на роденденската журка на Мадона до тоа како режирал спотови за рап-групи и освоил награда на Ем-ти-ви за најдобро видео. Но, малкумина знаат дека пред да почне да режира, Манчевски како тинејџер глумел во два филма.

„Глумев во филм на Бранко Гапо. Во сцената татко ме става мене мртов во реката за да ми ги измие раните оти со шминката ми направија расеченици насекаде по лицето. Ме шминкаа три часа и кога заврши снимањето, останав со таа крвава шминка на себе. Наместо да се вратам во хотелот, се шетав низ Струга и таков раскрвавен отидов во болница. Сестрите збунети ме прашаа што треба, им реков дека имам трн во раката да ми го извадат“, ни раскажа Милчо за своето прво искуство на филм.

Детството му е врзано за големата куќа во која живел со осуммина возрасни. Само тој бил дете. „Сите ги терав да правиме сè заедно оти тие ми беа друштво. Дури во прво одделение почнав да спознавам нов свет. Додека да завршам осмо одделение, во таа куќа останавме да живееме само тетка ми и јас, сите други починаа“, се сеќава Милчо на детството.

Ретко кој знае дека тој со стариот велосипед „пони“ се вози низ Њујорк, а игра баскет во Бруклин со маалските деца. Зошто прави шеги на сметка на легендарниот Алфред Хичкок во своите филмови, како изгледала средбата со нобеловецот Иво Андриќ, кој на 10 години му доделил награда за најдобар расказ, но и што треба да поседува еден актер за да глуми во филм на Милчо, зошто не му се важни наградите и зошто користел лажно име во Венеција… гледајте го интервјуто.

извор: Репортер

Трендинг

Exit mobile version