#ФАЦИ
Марија од Eye Cue: Моите родители не ја прифатија врската со Бојан, па веќе 4 години имаме формален однос
Пејачката од групата „Eye Cue“, Марија Ивановска, пред неколку денови на социјалните мрежи објави дека од 18 години живее сама и нема никаква поддршка од нејзините најблиски.
Живеам сама од мои 18 години. Носам големи и значајни одлуки веќе неколку години со никаква поддршка од моите најблиски. Наидувам на обесхрабрување а и понекогаш разочарување поради патот по кој чекорам и мојот личен избор на партнер, професија, околина… Свесна сум дека голем дел од работите што ги правам не се вообичаени за мојата возраст па и за ова подрачје. Свесна сум и дека се соочувам со огромни животни препреки, битки, расипување на односи со блиски, неверување, осудување…
Но она што го добивам за возврат е мојата СЛОБОДА, осамостојувањето, храброста, силата, радоста, издржливиот карактер и оспособувањето за надминување на секоја наредна ситуација што животот ја носи.
Сакам да ги инспирирам и охрабрам сите оние кои започнуваат ново поглавје во нивниот живот, сите оние кои се соочуваат со животни дилеми знаејќи дека ако тргнат по својот пат мораат да се борат и да поминат по трнливиот пат, ГИ УВЕРУВАМ и им ВЕТУВАМ дека упорноста и истрајноста ќе се исплати и ќе станат посилни од било кога. Ќе се чувствуваат исполнети, свои на своето и горди дека направиле нешто значајно за себе, ќе шират и привлекуваат убава енергија и ќе си ја добијат нивната слобода и правото на избор.
Осмели се и охрабри се да тргнеш по својот пат! You have my support“, стои во објавата на Фејсбук.
Таа во интервју за точка.мк изјави дека нејзините родители не ја поддржувале врската со Бојан, но и не им се допаднал начинот на живот кој го одбрала.
„Кога ја соопштив врската со Бојан беа зачудени, за нив беше невообичаено поради тоа што имаат поразлични размислувања од тоа што имам јас и моите генерации. Но, среќна сум што тргнав по тој пат на осамостојување, и да би можела да го вратам времето повторно би постапила исто, но овој пат би била попаметна, зашто што нема да ги правам истите грешки по вторпат“, вели Марија.
„Мора да признаам дека нашиот однос е доста формален, ја снема таа блискост што ја имаше претходно“, објаснува пејачката во интервјуто.