#ТРЕНД
Николина Пишек и ќерка ѝ пронајдени без свест во домот
Водителката Николина Пишек и ќерка ѝ Уна биле пронајдени без свест во нивниот дом во Загреб кога во зградата во која живеат пукнала цевка за гас и тие се затруле со јаглероден моноксид. Пред да изгуби свест, Николина разговарала на телефон со својот сопруг Видое Ристовиќ, кој во тоа време бил во Белград, и му кажала дека не се чувствува добро, а и дека Уна повраќа.
„Сè се случи ноќта помеѓу саботата и неделата. Околу 20 часот се слушнав со сопругот, кој поради работа, мораше да оди во Белград. Му кажав дека ќе гледаме филм и ќе одмораме. Му се јавив пак околу еден часот по полноќ и му кажав дека Уна повраќа и има силна главоболка. Ме советуваше да одиме на лекар. Во меѓувреме, најверојатно, сум се онесвестила“, рекла Пишек за хрватските медиуми.
Бидејќи по последниот разговор со Видое, Николина не кревала телефон, тој свртел кај неколку нивни пријатели додека еден од нив не му се јавил. Видое му кажал дека нешто не е во ред, па пријателот повикал полиција и брза помош.
„Кога дошле да проверат што се случува, ѕвонеле, но го слушнале само кучето. Провалиле во станот и ме нашле онесвестена на подот, а Уна лежела на креветот, исто така во несвесна состојба“, додала водителката.
По ова, тие биле пренесени во болница, а полицијата открила дека се работи за пукната цевка која предизвикала труење со гас. Николина е пуштена од болница, а ќерка ѝ е на детска клиника. Пожарникарите утврдиле дека во станот во тој момент имало седумпати повеќе од дозволената доза гас.