Connect with us

#ОХРИД

Охрид прогласена за најтранспаретна општина!

Повеќето општини во државата не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Просечната отвореност на општините годинава е 25 проценти, покажува истражувањето што го спроведе Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Најдобри резултати имаат општините Охрид (51 процент), Василево (48 проценти) и Кочани (48 проценти), а најниско е рангирана општина Пласница (3 проценти). Во првите 10 најтранспарентни општини се и Битола, Кавадарци, Валандово, Велес, Карпош, Прилеп и Гевгелија.

Кај планските региони, најтранспарентни се општините во Југоисточниот регион, со просечна отвореност од 34 проценти, а најзатворени општините во Полошкиот регион со просечна отвореност од 19 проценти.

Според резултатите добиени од истражувањето, голем дел од веб-страниците на општините не ги содржат основните информации барани со закон. Дел од нив, како што е општината Кривогаштани, не се регистрирани на доменот gov.mk, а некои општини, како општина Илинден, имаат две веб-страници. Има и општини, како што е Сарај, чии веб-страниците не ги задоволуваат барањата за кибер безбедност, а има и такви веб страници каде нема функционални алатки за пребарување. Не се ажурираат ниту редовно сите јазични верзии на веб- страниците.

Повеќето општини немаат и некаков документ (стратегија, политика, постапка) за отвореност и транспарентноста.

Генерално не се објавуваат ниту податоци за работењето на јавните претпријатија и работата на советите на општините. Кај голем дел од општините, единствена информација за јавните претпријатија е линк до веб страницата на тоа претпријатие, каде нема речиси никакви документи и информации од корист за граѓаните.

– Загрижувачка е бројката од 21 општина кои немаат објавено никакви податоци поврзани со процесот на донесување одлуки. Ова е значајна област која треба да се подобри бидејќи со поголема пристапност на информациите за одлуките на Советот и градоначалникот, навремено известување за нивната работа, граѓаните добиваат можност за вклучување во донесувањето на јавните политики на локално ниво, се наведува во истражувањето.

Во однос на финансиската транспаретност, општините исполнуваат само 27 проценти од индикаторите. Најдобри резултати во овој дел покажува Општина Карпош (58 проценти), а најниско се оценети Теарце, Сарај, Студеничани, Сопиште, Пробиштип, Врапчиште и Арачиново кои не објавуваат никакви податоци за финансиското работење.

Буџетот на општината го немаат објавено 12 општини, а само 10 општини имаат објавено граѓански буџет. Не се објавуваат ниту податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на Советот на општината.

Само 25 општини имаат објавено време за консултации на градоначалникот со граѓаните.

Истражувањето покажа дека за прв пат годинава се објавени податочни сетови во целосно отворен (машински обработлив) формат од страна на некои општини. Такви се општините Охрид, Кавадарци, Прилеп, Василево, Зрновци, Аеродром, Штип, Ѓорче Петров, Вевчани, Желино, Куманово и Росоман.

– Иако бројката на општини не е голема (12) ова е значаен напредок во работењето на овие ЕЛС и голем исчекор во нивните напори за унапредување на отвореноста во работењето. Националниот портал за отворени податоци, data.gov.mk, до денес содржи 281 сетови на податоци објавени од 57 субјекти, а само 3 од нив се ЕЛС, се наведува во истражувањето.

#ОХРИД

Кои се можните изгледи на охридските плажи

Врз oснова на Јавниот Повик за прибирање на идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро кој беше објавен на 30.08.2021 година, до Општина Охрид пристигнаа две идејни решенија согласно условите на повикот.

Право на учество на повикот имаа сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот. Целта на повикот беше вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи. Конкурсот беше анонимен и секој учесник имаше право да учествува со еден труд.

Пристигнатите решенија ќе бидат предмет на евалуација на стручната комисија и достапни на увид на граѓаните. Граѓаните своите сугестии, забелешки и предлози во правец на избор на најсоодветно решение може да ги достават на следната електронска адреса [email protected] со назнака „Идејно решение за плажи“.

Во прилог се фотографии од идејното решение број 1 и фотографии од идејното решение број 2

 

  • Идејно решение број 1

Continue Reading

#ОХРИД

Висока делегација од Обединетото Кралство во посета на ООУ „Христо Узунов“

Во учебната 2019/2020 година  ООУ „Христо Узунов“ од Охрид  се вклучи во Програмата „Училишта на 21 век“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство, а спроведена од Британскиот совет во партнерство со Министерството за образование и наука.Целта на програмата е развивање на вештини на 21от век, со посебен акцент на дигитална писменост, критичко размислување и решавање проблеми и користење на уредот микро:бит за развивање вештини за програмирање. Конкретно во училиштето се спроведуваат многу активности поврзани со оваа програма, во која се вклучени голем број ученици, при што носечката улога ја има Клубот за кодирање.

Во текот на денешниот ден, ООУ „Христо Узунов“ имаше чест да биде посетено  од Министерката за Европа и Америка на Обединетото Кралство Венди Мортон и Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј. Тие беа запознаени со текот на имплементирањето на оваа програма во училиштето.  Директорката Оливија Пирузева Јанева на средбата со високата делегација даде кратки податоци за училиштето и за програмата.  Потоа гостите присуствуваа на часот, каде учениците под раководство на професорките Горица Дуцкиновиќ и Марија Мостро,  презентираа конкретен проект изработен од членовите на Клубот за кодирање.

Преку овој проект се истакнува  критичкото размислување како и вештините за програмирање. Проектот има за  цел подигнување на свеста за селекција на отпад и негово рециклирање, што е многу важно за заштита и на животната средина и негување на ваквите навики. Проектот се состои во селектирање на отпадот, на пластичен и лимен отпад. Во сето тоа главна улога има уредот микро:бит, како инструмент за одбројување на парчињата отпад.

Учениците за овој проект беа поттикнати  од несовесноста на луѓето при фрлање на отпад во околината. Целта е зголемување на свеста за заштита на природната околина, која колку повеќе ја негуваш, таа толку повеќе возвраќа. Тоа учениците го истакнаа пред Министерката и Амбасадорката, задоволни и возбудени од фактот дека својата работа може да ја презентираат пред нив и истите да бидат вреднувани со пофалби од нив.

Continue Reading

#ОХРИД

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски , упати честитка  по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

– Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание. На овој ден во далечната 1941година во Прилеп започна востанието против фашистичката окупација и беше најавена организираната народно – ослободителна борба.

Преку оваа борба нашиот народ го докажа својот државотворен капацитет и право на изградба на слободна, самостојна и суверена држава. Токму со 11 Октомври и НОБ застанавме на страната на антифашистичката коалиција, на страната на доброто наспроти злото, правдата наспроти неправдата.

11 Октомври и првото заседание на АСНОМ им дадоа целосна смисла на сите револуционерни движења претходно. Борците во НОБ ги достигнаа стремежите на сите претходни генерации да се добијат долго очекуваната победа и слобода.

Секоја генерација има своја одговорност. Така и нашата, да ја сочува слободата, суверенитетот и независноста на нашата земја која со пролеана крв и многу жртви ја спечалиле нашите предци. Одговорноста е голема, она што сме го добиле како влог треба да го предадеме на идните генерации, на нашите деца. Никогаш да не дозволиме да ни бидат одземени мирот и слободата. Наша задача е да обезбедиме економски стабилна и просперитетна држава, која ќе биде рамноправна членка со останатите држави во европското семејство. Единствени и сплотени да продолжиме да ја градиме нашата татковина како современа, демократска и правна држава во која секој граѓанин ќе има еднакви можности да креира пристоен и примерен живот за себе и за своето семејство.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври – денот на Народното Востание!

Continue Reading
Advertisement

Инста

Facebook

Facebook

Трендинг

Copyright © Mediaset.mk / 2020

error: