Градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца, Константин Георгиески, Рамиз Мерко и Зоран Ногачески заедно со Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната Унија за Источна Европа и Централна Азија, Борис Ерг денеска на плажата Дебрца потпишаа Изјава за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро со што се обврзаа за дирекtно учество во заштитата на биолошката разновидност во Охридското Езеро.
На настанот, беше извршено и примопредавањето на Сертификатот од Рамсар на градоначалниците од трите општини во кој е наведено дека Охридското Езеро се смета за водно живеалиште од меѓународно значење според Рамсарската Конвенција.
Пригодни обраќања имаа учесниците на настанот, на кој градоначалникот Константин Георгиески истакна:
– Дозволете да го изразам моето задоволство за организација на овој настан со кој се заокружува и дефинира Изјавата за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро. Секако од особена важност е и примопредавањето на документите за Рамсар локација која е темел врз кој нашето Охридско Езеро се впишува на мапата на водени живеалишта од Светско значење.
Зачувувањето на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и интеграција на биодиверзитетот во голема мера е одредено од нашите стратешки определби и мерки за нивна заштита.
Охридското Езеро е едно од трите најстари природни езера во Светот . Не случајно светската стручна јавност, посебно Охридското Езеро како природна реткост и посебно Охрид, како културно богатство, предложила да бидат под заштита на УНЕСКО. Тоа е голема привилегија, но и голема одговорност за нивна заштита.
Имајќи ја таквата одговорност во Охрид пред повеќе од 30 години се изгради колекторскиот систем за одведување на отпадните води и може слободно да речеме почна процесот за целосна заштита на Охридското Езеро. Тој процес на заштита постојано се надополнува и надградува, а оптимални резултати ќе се добијат само со максимално вложување од македонска но и албанска страна на езерото.
Потпишувањето на Изјавата за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро ќе обезбеди висок степен на заштита на исклучителната универзална вредност на регионот. Документите на кои денес ставаме потпис се основа за донесување развојни одлуки од сите засегнати страни со што се обезбедува рамнотежа меѓу заштитата на доброто и неговото искористување-рече градоначалникот Георгиески.
Студијата за валоризација на Охридското Езеро е изработена во рамки на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку креирање ефективно управување со заштитените подрачја и интеграција на биодиверзитетот во планирањето на употребата на земјиштето“. Проектот е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина ( GEF) и имплементиран од Регионалната канцеларија на Обединетите нации за животна средина (UNEP) во Виена. Главен партнер и корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија (МЖСПП). Регионалната канцеларија на Меѓународната Унија за зачувување на природата на Источна Европа и Централна Азија ( IUCN ECARO) беше исто така ангажирана со цел да го координира процесот на подготовка на клучните документи во однос на две заштитени подрачја во Северна Македонија, од кои едниот е нацрт Студијата за валоризација на Охридското Езеро, како поддршка на иницијативата за негово повторно прогласување.