Медиасет.мк

#ФАЦИ

Перо Антиќ емотивно се прости од омилениот тренер: Ти беше тој што виде нешто во мене

Еден од најпознатите кошаркарски тренери, Драган Василов – Цевка, вчера почина на 64 години на тренинг-камп кој се одржува во Маврово.

Василов повеќе од три децении работеше како тренер на млади играчи, а меѓу нив и бројни познати кошаркари и македонски репрезентативци, пред сè од школата на „Работнички“, како Перо Антиќ, Емил Рајковиќ, Ѓорѓи Чековски, Александар Јончевски, а во младинските селекции и Димитар Мираковски, Златко Гоцевски, Александар Антиќ, Кирил Павловски…

Кошаркарскиот ас и претседател на Кошаркарската федерација, Перо Антиќ, со многу емоции и низ спомените се прости од него: „Во вакви моменти нема зборови кои ќе донесат утеха и ќе ја намалат болката, но сепак дозволете ми, сакам да упатам најискрено сочувство до семејството на мојот голем ‘френд’ Драган Василов – Цевка, за огромната загуба на нивниот сопруг, татко, дедо.

Во овие моменти на тага, кои е тешко да се опишат, сакам да се присетам на сите оние досетки, шеги што еден со друг си ги имавме приредено. Да, понекогаш дури и само споменувањето на неговото име ми носеше од оние заразни насмевки, типични, негови…

Ти беше тој кој од 80 деца ме одбра во групата од 20 и ги кажа магичните зборови ‘извод од матично и две слики’…

Ти беше тој што виде нешто во мене и избра да ме земеш како најмлад во кадетската репрезентација на Македонија, и покрај, според мене, поквалитетни кошаркари. Да ми го овозможиш, да ми го дадеш тоа чувство како е да се игра на европско кадетско првенство…

Ти беше тој што направи да ја засакам кошарката и да уживам во неа!

Таков беше, таков и ќе те паметам…

Верувам дека неговото име имаше ваков ефект на сите луѓе кои го познаваа и сигурен сум дека ова е особина која можат да ја изведат само навистина големите луѓе.

Мојот, нашиот Цевка беше еден од најпозитивните ликови, вљубеник во кошарката, тренер и креатор на цели генерации млади играчи… Другар, пријател и семеен човек за пример – едноставно, легенда. Легендите живеат засекогаш. Збогум Батка!“, напиша Перо Антиќ за својот омилен тренер.

Трендинг

На почеток
error: