#ТРЕНД

Предвидувања за нови трендови околу автомобилите

Објавено на

Автомобилската индустрија доживеа огромен раст последново десетлетие. Благодарение на развојот на технологијата и вештачката интелигенција, нашето искуство во возењето и начинот на којшто ги доживуваме возилата постојано се менуваат. Следат дел од најинтересните трендови што доаѓаат во блиска иднина…

Што е тоа роботакси?

Како што пишува „Индекс“, еден ден, автомобилите ќе можат да возат целосно сами, без возач. Така, и еден од поимите којшто сѐ почесто го слушаме е „роботакси“ – скоро целосно самоуправувачко такси – засега не без возач, но коешто му дозволува на возачот дури и да поспие.

Првата комерцијална услуга за роботика беше лансирана во Кина и се вика „Аполо го“. Ја започна „Баиду“, компанијата создавач на интернет-пребарувачот на кинескиот еквивалент на „Гугл“. Такси-услугата е достапна во Пекинг, во пресрет на Зимските олимписки игри 2022.

Според најавите на хрватскиот автомобилски иноватор Мате Римац, оваа новина на Балканот ќе пристигне за само три години.

До 2035 година електричните автомобили ќе преовладуваат!

Друг тренд кој секако ќе влијае на иднината на автомобилската индустрија е преминот кон поеколошки одржливи извори на енергија. Јасно е дека издувните гасови од автомобилите се еден од главните загадувачи на воздухот. За да се спречи нивното штетно влијание врз околината и климата, се проценува дека наскоро ќе мора да престанеме да возиме автомобили што работат на бензин и дизел.

Европската Унија објави дека планира да ја забрани продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Поеколошкото решение се електромобилите. Во Европа веќе има тренд на зголемување на продажбата на електрични возила, а во август годинава, тие првпат ги надминаа дизелите по продажба.

Најпродаван електричен автомобил во Европа е „Модел 3“ на „Тесла“. Во топ-10 се и „Тесла модел Ипсилон“, „Фолксваген ИД-3“, „Рено Зои“, „Шкода Енвак“, „Киа Ниро“, „Фиат 500“, „Фолксваген ИД-4“, „Пежо 208“ и Дачија спринг“.

Долгорочното изнајмување, многу веројатно, ќе го замени купувањето автомобил…

Се работи за нов тренд, особено кај младите возачи. Сè повеќе луѓе одлучуваат да не купат нов автомобил, па наместо тоа, претпочитаат долготраен закуп. Така се избегуваат загубите од опаѓачката вредност на автомобилите, како и постојаните трошоци за одржување и поправки.

Придобивките од долгорочното изнајмување автомобили се многубројни, и се препознаени од приватните претприемачи на кои им треба еден или повеќе автомобили за да работат. За да избегнат непредвидливи трошоци, корисниците плаќаат фиксна месечна претплата за автомобилот наместо да купат ново возило. Во оваа месечна претплата се вклучени и сите трошоци поврзани со регистрацијата, технички преглед итн.

Висината на фиксната месечна претплата зависи и од потребите на корисникот. Договорот за долгорочно изнајмување нови возила трае од три до пет години, а за оние кои не сакаат долгорочно да се обврзат, има и месечно изнајмување автомобили. Оваа услуга може да трае и од еден месец до една година, а договорот потоа се продолжува. Услугата вообичаено вклучува и 24-часовна помош на пат и други поволности.

Трендинг

Exit mobile version