Во интервју за новиот број на магазинот „Town & Country“, Сара Џесика Паркер зборуваше за силата и духот на Њујорк, кој се најде во големи проблеми поради пандемијата на коронавирус, исто како и остатокот од светот.
„Луѓето кои се богати, сите оние кои постигнаа голем успех во Њујорк, сега имаат обврска да ѝ помогнат на заедницата да заздраве – и од културен и од економски аспект. Тоа му го должат на градот, треба да реинвестираат во него, мора да се вратат дома и повторно да го запознаат градот, што сега им е очигледно непознат. Вашите омилени ресторани и продавници едвај чекаат да им се вратите. Не заборавајте дека оваа пандемија не ги запре сметките, а занаетчиството и компаниите не можат да ги задржат вработените ако не се вратите дома. Тие треба да го почувствуваат нашето присуство, потребна им е финансиска поддршка за да останат воопшто отворени. За нашиот град да изгледа познато и да функционира како што сте навикнале, мора да се вратите дома“, изјави Паркер.
Популарната актерка, која е сопственик и на SJP Collection, на своја кожа почувствува како се смени бизнисот за време на кризата предизвикана од вирусот ковид-19.
„Се боревме за време на заклучувањето, но ги задржавме сите вработени, секој има здравствено осигурување и работи. Имавме одлични денови, но имаше и кризни ситуации. Сè на сè, мојот омилен дел од работата е да се биде на подот со купувачите, да им носам чевли, да учам за нивните животи. Да, јас не сум само шефица, туку и продавачка. И бидејќи имаме и виртуелен шопинг, јас лично ги доставувам сите нарачки јужно од 54-та улица на купувачите и навистина уживам во тоа. Го сакам тој интимен пристап, ја ценам блискоста со моите купувачи“, откри Сара Џесика и заклучи дека жителите на Њујорк сакаат да бидат гламурозни дури и во карантин.
„Потпетиците ни се продаваат секој ден, не почувствувавме никаква разлика во бизнисот“, вели таа со задоволство, пренесува „Дејли меил“.