#ФАЦИ
Љубо, Тамара и Атанас ќе станат дел од филмската академија на Оскарите
Продуцентот на „Медена земја“, Атанас Георгиев, и режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов вчера добија покана од Американската академија за филмски уметности и наука да станат нејзини членови. Ова е академијата која секоја година ги доделува Оскарите. Од 819 новопоканети членови, само осуммина се поканети да членуваат во повеќе области, а меѓу нив се и тројцата македонски филмаџии. Котевска и Стефанов ќе членуваат во областа на режисери и на документаристика, а Георгиев е во областите на монтажа и документаристика.
Поканата се однесува на филмски работници кои дале придонес во филмската уметност. Од поканите за 2020 година, 45 отсто се за жени, 36 отсто се малцински етнички/расни заедници и 49 отсто се меѓународни од 68 земји. Од нив, 75 лица се номинирани за „Оскар“. Тие што ќе ги прифатат поканите, ќе бидат единствените што ќе влезат во членството на Академијата за 2020 година.
Од 2016 година Академијата постави специфични цели да го удвои бројот на жени и на малцински заедници до 2020.
„Академијата е почестена да им посака добредојде на овие извонредни патници во филмските уметности и науки. Отсекогаш сме му давале простор на извонредниот талент што ја рефлектира богатата разновидност на нашата глобална филмска заедница“, вели претседателот на Академијата, Дејвид Рубин.
„Медена земја“ беше номиниран во две категории за престижната филмска награда „Оскар“ – за најдобар филм и за најдобар документарец. Филмот периодов се прикажува во Јапонија, а пред неколку дена беше прогласен за најдобар филм во регионалната конкуренција на фестивалот „Андерхил фест“ во Подгорица, Црна Гора.