Медиасет.мк

#ФАЦИ

Весна Вучиќ проговори за последните моменти со Драган, борбата со коронавирусот, патешествието…

Поминав цели 40 години со човекот кој најмногу го сакав. Цели 40 години и тој мене најмногу ме сакаше. Што друго да кажам, освен дека тоа е најголемиот благослов кој некој може да го има во животот – со овие зборови за ,,Фокус” ја започна својата приказна Весна Вучиќ, сопруга на легендарниот музичар, композитор и ТВ водител Драган Вучиќ, кој пред две недели почина поради компликации од коронавирусот.

-Така било пишано… Драган имаше благо покачена температура три – четири дена. Со оглед на пандемијата на Ковид 19, решивме дека треба да се тестира, да бидеме на сигурно со дијагнозата. Тестот за жал, беше позитивен. Кога температурата започна да надминува над 38,5 степени, тој беше префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Во меѓувреме, и јас се тестирав, иако немав симптоми. И мојот тест се покажа позитивен на вирусот. Ја започнавме нашата битка со новиот и недоволно познат непријател, со вирус кој е доста сериозен и не смее да се потценува неговата моќ. Драган добиваше кислородна поддршка на клиниката, јас престојував дома, се слушавме телефонски, си разменувавме пораки. По една недела на клиника, тој ја изгуби битката, почина од компликации од вирусот. Не можам да зборувам за нашиот последен разговор, за последната СМС порака… Премногу е болно за мене, и јасно ми е дека по првичниот шок, тагата и празнината нема да стивнат. Сепак, сакам од се срце да се заблагодарам на целиот медицински тим, на таа неверојатна посветеност и грижа која што му беше пружена на мојот сопруг во тој период. Лавовски, буквално гинеа за доброто на пациентите, правеа се што е во нивна можност. Болеста излезе посилна од лекарските напори, Драган ни се излизга помеѓу прстите – вели Весна.

-Дури и во зима, поради загадувањето на воздухот, Драган не излегуваше од дома без заштитна маска. Сега, кога започна пандемијата, тој за до маркет носеше ист пар чевли кои ги оставаше надвор, ракавиците ги фрлаше во корпата пред врата. Беше исклучително внимателен, одеше на пешачење, избегнуваше места каде има повеќе народ. Но ете, така требало да биде… Вирусот е опасен, за оние стигматичарите, можам да кажам дека не е игра и треба да се сфати сериозно. Во иста болка сме споени со стотина семејства од земјава кои изгубија свои блиски поради оваа болест, во иста состојба се најдовме над 1.000 луѓе кои се инфициравме. Мора да ги следиме препораките и да покажеме почит кон здравствените работници кои пожртвувано работат и даваат се од себе во овој тежок период. Би му се заблагодарила и на нашиот матичен лекар, кој во времето кога бевме дома со потврден вирус, доаѓаше кај нас, се грижеше и се трудеше да ни помогне максимално. Да им се заблагодарам на сите оние кои од Инфективна клиника ме испратија со најдобри желби, кои се радуваат како деца секогаш кога некој ќе се излекува. Тие се херои на денешницата – додава Весна.

Целото патешествие на семејството Вучиќ и разговорот со Весна, проследете го на Фокус.мк.

Кликни за да коментираш

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

На почеток
error: