Медиасет.мк

#ХАЈТЕК

(ВИДЕО) Илон Маск го претстави првиот имплант во мозок на свиња

Илон Маск демонстрираше демо верзија на својот најнов технолошки изум – имплант за во мозок. Но, тој не го тестирал на луѓе, туку демонстрацијата ја извршил врз свињи.

За време на преносот во живо, Маск претстави три свињи: едната во која нема имплант произведен од неговата компанија „Невралинк“, едната во која имплантантот бил всаден во минатото и подоцна е отстранет и Гертруда, свиња која во моментов има прототип на уредот.

Тој објасни како експертите го вметнале имплантот во Гертруда пред два месеци и дека тој бил поврзан со невроните во нејзината муцка. Кога Гертруда ќе допре нешто со својата муцка, се активирале електрични импулси во мозокот, кои во имплантот регистрираат повеќе од 1000 електроди, пишува Си-Ен-Ен.

Инаку, Маск објави во 2019 година дека неговиот невротехнолошки старт, Невралинк, планира да започне да имплантира уреди во човечкиот мозок веќе следната година со цел да се постигне „симбиоза со вештачката интелигенција“.

Основачот на SpaceX верува дека таков систем може да се користи за лекување на невродегенеративни болести, како што се Алцхајмерова или Паркинсонова болест, и на крајот може да ги „зачува и подобри“ нашите функции на мозокот или да им обезбеди на корисниците некаква форма на телепатија.

Тој рече дека компанијата се откажала од идејата за приемник поставен зад увото и наместо тоа се определиле за имплант со големина на паричка што треба да се стави во черепот; што е поинвазивна постапка од онаа што тој ја воведе минатата година.

Маск претстави прототип за функционалноста на имплантот што треба да биде поврзан со сензори во паметниот телефон на корисникот, како што е мерач за внатрешна температура и притисок на воздухот. Тој, исто така, покажа подобрена верзија на хируршки робот што ќе служи за поставување на имплантот на Неуролинк во мозокот.

“Свињите се всушност многу слични на луѓето. Ако одиме да ги тестираме уредите за луѓето, свињите се добар избор. Апаратот веќе два месеци работи во свињи, што е добар знак дека е доволно добар за луѓето”, рече Маск.

Научниците претходно размислувале за импланти кои можат да ги поврзат нашите мозоци со електронските уреди, но досега овие идеи биле ограничени на лабораториски експерименти – од голем број причини.

Имено, ова се многу скапи и ризични процедури. Хируршката процедура вклучува сечење на черепот, изложување на мозокот и вградување чипови. Треба да се напомене дека не се исполнети досега сите ветувања на Маск, т.е. необичните технолошки проекти. Тој, на пример, планираше да испрати вселенски туристи во орбитата околу Месечината во 2018 година; што сè уште не се случило.

Што се однесува до ставот на здравствените регулатори, Маск рече дека Управата за храна и лекови на САД (ФДА) го класифицирала уредот во јули како „иновативен и ветувачки“ и дека неговата компанија работи на подготовки за прва имплант во човечки мозок – иако тој не рече кога тоа би можело да се постигне.

Трендинг

На почеток
error: