#ФАЦИ
ВИДЕО: Теа и Дупер снимија заедничка песна
Соработката помеѓу младата пејачка Теа Трајковска и момците од групата „Дупер“, Илчо и Борис се покажа како одлична.
Нивната заедничка песна „Не ми даваш сон“ која ја објавија пред неколу дена, наиде на позитивни реакции и коментари од страна на публиката. За само два дена, песната „органски“ имаше преку 50.000 прегледи.
Теа и Дупер ги здружија силите со одличниот хит-мејкер Лазар Цветкоски, кој досега соработувал многупати со Теа, а за првпат со Илчо и Борис. Сите од нив се потпишуваат на музиката, додека пак текстот заеднички го напишаа Теа, Илчо и Борис.
За песната Теа, Илчо и Борис снимија спот под режисерската палка на Томислав Живковиќ. Во спотот покрај нив тројца се појавуваат уште неколкумина статисти.
– Ми се допаѓа музиката на „Дупер“, ама ептен сум среќна што успеавме да создадеме нов звук и за мене и за нив и проект кој беше предизвик за нас тројца и Лазе. Мислам дека го погодивме „вајбот“ на песната со видео записот и дека во самиот спот се гледа дека си поминавме супер на снимање. Не смеам да заборавам да се заблагодарам на Даниел Николовски, дизајнерот Занов, Фешн енд Френдс и Дарко Петковски – изјави Теа.
Задоволството не го криеја ниту Илчо и Борис…
– Многу се радуваме на ваквите соработки кои се случуваат природно и неисфорсирано. Со Теа лесно најдовме заеднички јазик и успеавме да направиме песна што стилски подеднакво нѐ опишува и со музиката и текстот. Се надеваме дека ќе им се допадне на сите кои ќе ја слушнат и дека ќе се пронајдат во приказната позади стиховите – велат момците од познатата група.
И Теа и „Дупер“ не ја исклучуваат можноста за повторно да соработуваат во иднина.