Тони Зен се враќа на музичката сцена по повеќе од три години пауза. Тој ја промовира песната „Планот“, за која вели дека го инспирирале младите и постарите артисти.
„Целата приказна почна од поривот и љубовта за творењето. Се инспирирав од музиката и поддршката на моите пријатели и соработници Нино Васков и Ики, со кои работевме долги години. Идејата со оваа песна е дека сето она што ни било зацртано низ времето го остваруваме и прикажуваме на ваков начин, затоа што ова ни е задача и љубов од многу одамна. Се чувствувам должен кон публиката бидејќи долго време бев отсутен, ова враќање е токму за нив, инспириран од младите, но секако и од постарите артисти, музиката мора да продолжи без оглед на се. Сакам да се претставам на наш, македонски начин“, вели Зен.
Песната е на Цветковски – Ики и Нино Васков, видеото го направи Огнен Шапковски од „Мелем продукција“.