#ФОКУС

Во Италија можете да „заработите“ казна од 400 евра, ако го прегрнете вашето дете или ви се скине ластикот од маската

Објавено на

Во Италија полицијата може да ве казни со парична казна, во случај да ве забележи на јавно место како го бакнувате вашиот партнер или ако го прегрнете вашето дете или, пак, ако случајно во тој момент ви се скине ластикот од маската.

Ваквите казни се последица на апсурдните норми за социјално растојание, кои и понатаму се во тек во фаза 3 во цела Италија.

Маските во регионот во Ломбардија е задолжително да се носат најрано до 30 јуни. Во автомобили може да се возите само со лицата со кои живеете, а во случај да не е така, личноста која е со возачот мора да седи на задното седиште со маска.

Не се дозволени ниту прегрнувањата ниту бакнежите на јавното место со луѓе кои не се членови на вашето семејство, а растојанието од еден метар е задолжително, исто како и маската.

Купот правила кои се донесени од властите во земјата, се збунувачки за голем број граѓани, затоа што во Италија, во која има 21 регион, секој од нив во одреден момент носи самостојни одлуки, кои се поврзани за нивните територии. Ова доведе и до поделба кај народот.

Не е едноставно да се усогласат одлуките и забраните кога постојат и региони кои не биле ниту минимално заразени, а од друга страна, едно од најголемите светски жаришта беше Ломбардија, северниот, најразвиен и најбогат регион во Италија.

Често, поради тие причини, се носеа мерки кои важеле од регион до регион, па дури и од општина до општина. Мерки поврзани со маски, ракавици, сончање на празните плажи, кој со кого смее да се гледа, кој каде смее да стои, социјалните растојанија и друго.

Поради ваквите мерки се случи голем број луѓе да бидат казнети, затоа што во тој момент маската не го покривала носот или, пак, се скинал ластикот. Таков пример е со познатата телевизиска водителка Алди Деусанио, која на „Инстаграм“ ја објасни својата приказна.

„Ние граѓаните не сме слободни ниту да излеземе од дома за да испиеме кафе во кафуле. Веднаш доаѓа финансиска полиција која ве казнува, само затоа што со себе не сте понеле резервна маска. Тие ве следат до таа мера што не сме слободни да влеземе во кафуле“, напишала Алди.

„Беа тројца, не еден туку тројца, а ние сето тоа го плаќаме. Никој не доби помош од државата. Луѓето не ги видоа 600-те евра што им ги вети Владата, но затоа доаѓаат три агенти од финансиска полиција за да ме казнат, затоа што ми се скина ластикот на маската. Повеќе од еден час чекав за да ми ја напишат казната, како да сум некаков криминалец, додека мафијата е пуштена на слобода, со изговор на коронавирусот, а чесните граѓани минуваат како мене“, напишала гневната водителка.

Финансиската полиција одговорила дека се обидела да се стави во нивна кожа, затоа што тие мораат да извршуваат наредби и контрола, додека таа на тоа одговорила дека нивната задача е да ги штитат граѓаните, а не да ги заплашуваат. Сепак ја платила казната од 400 евра.

Мајката не смее да си го прегрне детето

Она што граѓаните го прокоментирале како апсурдно е приказната за една мајка на која ѝ било одземено детето, затоа што полицијата оценила дека не се грижела како што треба за него. Жената се обратила до одговорните организации, затоа што не била во состојба како самохрана мајка да ја усогласи грижата за деветгодишното дете со промената на работата. Детето ѝ било одземено од Центарот за социјална работа.

Елиза Фангареџи, претседателката на Time4life, фондацијата која се грижи за децата кои се наоѓаат во услови на економска и општествена сиромаштија и кои ја застапуваат таа мајка, вели дека пред епидемијата мајката можела да го види своето дете еден час неделно, но за време на карантин ѝ било дозволено само преку видеоповик до 9 јуни, од кога повторно можела да го види во живо.

Кога по неколку месеци го видела своето дете, мајката спонтано го прегрнала и го бакнала како што тоа го направило и момчето, но лицето задолжено да ги следи нивните средби веднаш ги повикало службите, кои и покрај тешката економска ситуација ѝ напишале казна од 400 евра, која може да биде намалена на 280 евра, ако жената ја плати во период од месец дена.

Како што пишуваат медиумите, ризикот на кој сега мајката е изложена е дека нема да може да се види со детето ниту еднаш неделно. Можеби е легитимно, но не е етички прифатливо, пишува весникот II Giornale.

„Што е тука поважно? Да се заштити детето од ковид, а се знае дека децата се најмалку подложни на заразата, оневозможувајќи на мајката да не го гледа повеќе?“, прашала Елиза.

Од друга страна, генералниот секретар на полицијата, Доменико Пјанезе, вели дека тој ќе ја плати казната и дообјаснил дека овој настан ја покажал нееднаквоста на одредени норми кои се воведени поради ковидот и се дел од дискриминациите кои не се предвидени со закон.

Во многу градови, најчесто во регионот Ломбардија, полицијата може да ве застане и да ве праша дали сте во брак или живеете заедно. Во спротивно не смеете да се прегрнувате. Ако се прегрнете, тогаш мораат да ви напишат казна.

Само за една вечер, на крајот на мај, во граот Павија се поделени десетина казни од 400 евра, затоа што пријатели се прегрнувале бидејќи долго време не се виделе по карантинот. Момчиња и девојчиња кои биле во врска, а не живееле заедно и слично.

Полицијата ги предупредила младите да држат растојание

Локалната полиција која заедно со полицијата и финансиската полиција има право да врши контрола и да пишува казни изјавила дека мораат да интервенираат, затоа што имало премногу луѓе кои не ја почитувале мерката на држење растојание.

„Имало момчиња и девојки кои се држеле за рака, биле премногу блиску, со маски кои им биле спуштени на брадите“, изјавил Пјетро Триви, комесарот на локалната полиција.

„Не сме во Техеран. Се казнуваат младите затоа што се гушкаат и, замислете, волонтери го набљудуваат населението, за да повикаат полиција ако видат дека постои и мала група на луѓе. Политиката ја меша науката со фантазија“, напишал италијанскиот сенатор Давид Парагоне.

Она што моменталните норми во Италија го одредуваат е дека мора да се почитува безбедносното растојание од еден метар, а кога тоа не е можно, мора да се носи маска. Какво било собирање е апсолутно забрането. Казните се движат од 400 до 3.000 евра.

Недостигот на растојание може да се поклопи со непочитувањето на мерките, поврзани за избегнување на заразата. Но, исто така е важно да се прецизира дека Министерството за внатрешни работи назначило органи на редот, да им посочуваат на граѓаните да ги почитуваат правилата и само во случај граѓаните ако се противат на кој било начин, тие да ги казнат.

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

Exit mobile version