Медиасет.мк

Медиасет

За првпат кревети во економска класа во авион: Air New Zealand отвора Skynest капсули со строг правилник

Долгите летови во економска класа со години се синоним за исправена положба, вкочанет грб и неколку дремки „на сила“. Националната авиокомпанија на Нов Зеланд, Air New Zealand, најавува промена на тој сценарио со воведување на Skynest – капсули за спиење со целосно рамни лежаи, наменети и за патници со поевтини билети.Наместо седиштето да се претвора во кревет, концептот предвидува посебна зона со шест капсули, распоредени како трокатни кревети меѓу кабините. Секоја капсула е одвоена со завеса и се резервира однапред во блок од четири часа, а услугата се доплаќа како дополнување на веќе купениот билет.„Цаката“, сепак, е јасна: приватноста е ограничена и патниците се наоѓаат во многу близок контакт со други луѓе. Токму затоа компанијата воведува и строг правилник на однесување, со кој се ограничуваат навиките што би можеле да го нарушат комфорот на другите.Капсулите ќе бидат достапни за патници во економска и премиум економска класа на новите авиони Boeing 787-9 Dreamliner од ноември, на рутата Окленд – Њујорк, која важи за една од најдолгите комерцијални линии во светот. На ваквите летови патниците во економска класа, вообичаено, минуваат 16 до 18 часа во седечка положба.Цената за четиричасовен термин започнува од 495 новозеландски долари (околу 291 американски долар), а компанијата најавува дека постелнината – перници, ќебиња и чаршафи – се менува целосно по секое користење.Покрај тоа, во капсулите важат јасни ограничувања: нема грицки и јадење, не се дозволени „посетители“ и не смеат да ги користат деца. Дозволено е исклучиво „соло дремка“, со цел да се избегнат недоразбирања и нарушување на личниот простор.Дел од правилата се однесуваат и на хигиената и мирисите: патниците треба да облечат специјално обезбедени чорапи пред влез, да избегнуваат силни парфеми и да користат сигурносен појас преку ќебето. По истекот на четирите часа, будењето е планирано со постепено засилување на светлото – а доколку тоа не помогне, интервенцијата е оставена на кабинскиот екипаж.Лежаите се долги околу 203 сантиметри, но капсулите немаат простор патникот да седне исправено; влезот бара наведнување, клечење или „провлекување“. Ширината е околу 64 сантиметри кај рамениците, а се стеснува до 41 сантиметар кај долниот дел – уште еден сигнал дека ова не е приватна хотелска соба, туку компромисно решение за сон во воздух.Иако кревети и седишта што се претвораат во лежаи одамна постојат во бизнис и прва класа, Air New Zealand смета дека со Skynest првпат нуди целосно рамни лежаи како платлива надградба и за економската класа. Компанијата уште во 2020 година најави дека развива ваков производ, а сега го претвора во услуга што може да се купи со терминска резервација.Skynest воедно е и дел од поширок тренд во авио-индустријата, каде економската класа сè почесто се надградува со дополнителни услуги што се наплаќаат посебно. За патниците, тоа значи повеќе опции за удобност – но и потреба внимателно да се пресмета дали доплатата вреди, особено на ултрадолги летови каде сонот може да биде најскапиот, но и највредниот „луксуз“.

На почеток
error: