#ФОКУС
Земјава во жолта фаза, температури до 40 степени
Министерството за здравство апелира денеска и утре да се почитуваат општите мерки за заштита од високи температури зашто, според најавите од УХМР, земјава ќе биде во жолта, алертна фаза.
Се препорачува граѓаните да престојуваат повеќе во затворени простории, по можност климатизирани, а ако мора да излегуваат надвор да се одмораат почесто под сенка, да носат светла и лесна облека, како и заштитни очила и капа при директна изложеност на сонце. Да се користи и крема со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а не масна храна, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење и да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
При влегување во возило, пак, потребно е тоа одреден период да се проветри.
На хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Во однос на храната, поради високите температури и зголемената можност за појава на труења и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка и консумирање веднаш по подготовката.
-Комисијата за следење на ефектите од високите температури во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури, наведува Министерството за здравство.
И министерот за здравство, Венко Филипче на својот фејсбук профил утрово ги сподели препораките за заштита од високи температури.
Според најавите од УХМР денеска во земјата ќе биде сончево и топло, а темперпатурата ќе се искачи до 40 степени.