Медиасет.мк

#ДОСИЕ

Берберот Февзи со свои пари купува храна за изнемоштените во Скопје, како и за оние кои имаат потреба и немаат пари

Чаирчанецот Али Февзи го стави во мирување берберскиот занает и во ова време-невреме реши поинтензивно да и се посвети на хуманитарната работа. За она што го тера од внатре да им помага на луѓето без разлика на нација и вера, постојано добива пофалби на социјалните мрежи, преку кои и ние дознавме за оваа негова активност, која, како што ни рече, ја прави од 2014 година.

– До пред пандемијата со коронавирусот им помагав на неколку фамилии во Скопје со тоа што секој ден им носев топол оброк, облека, стара бела техника и тоа го правев тивко, без да се знае пошироко. Сега, откако настана состојбава со вирусот, бројот на луѓе кои немаат што да јадат се зголеми. На мојот фејсбук-профил го објавив мојот телефонски број 070/501-628 и се приклучив кон некои групи со цел да ги поттикнам луѓето да почнат и тие со хуманитарна работа, како што ја правам и јас – во телефонски разговор изјави за весникот Вечер, Февзи.

Инаку, тој од 2009 до 2019 година работел во Виена, а потоа во берберскиот салон на неговиот 73-годишен татко. Поради еден настан кој се случил во 2014 година, тој решил парите што ги заработува да ги троши за потребите на тие што немаат.

– Се случи голем пожар во зграда во Чаир. Седумчленото семејство на сестра ми беше заробено од пламените јазици. Пожарникарите едвај ги извлекоа преку прозорец. Влегов во станот да помогнам и тогаш експлодира плинска боца. Десет дена бев во кома на Токсикологија. Кога се разбудив од кома, сфатив дека Господ ми даде повторно да живеам и оттогаш решив да им помагам на луѓето – вели Февзи.

Особено му е жал за децата. Вели дека во брак е 17 години, но нема свои деца. Затоа сака да ги направи радосни другите деца, купувајќи им барем едно чоколадо.

– Деновиве бев да однесам храна на едно семејство во Ѓорче Петров кои живеат во мизерни услови. Кога ме виде малото дете, сигурно има две-три години, ми скокна и со раширени раце како да сакаше да ми се заблагодари. Тоа чувство не може да се опише со зборови – раскажува Февзи.

Тој вели дека во моментов со топол оброк, храна и хигиенски средства покрива дваесет скопски фамилии. Доставата ја врши со сопствено возило и како што нагласува, секој ден поминува по минимум 50 до 60 километри, најчесто на релација Драчево – Ѓорче Петров.

– Топлите оброци ги купувам од ресторани, а почесто ми ги даваат по пониска цена. Ако купам поголема бројка оброци, некои ми ги даваат бесплатно. Не земам храна од ресторани ако им останала од претходниот ден, бидејќи не сакам нешто да им се случи на луѓето што им ја носам – вели Февзи.

Неговата хуманитарна активност е препознаена и од граѓани. Вели дека му се јавуваат на телефонот и му даваат готвена храна која потоа им ја дистрибуира на тие што немаат. Не прима пари за оваа активност и вели дека има доволно финансиски средства за сам да купува оброци.

– Имаше еден случај кога една нашинка од Франција ми понуди да префрли поголема сума евра. Ја одбив и и’ реков дека пари не примам, затоа што не знам за што може да ме обвинат. Моите пари што ги имам се доволни да им помагам на луѓето – вели Али.

На почетокот на оваа негова хуманитарна акција, храна и облека доставувал на ромски семејства, но сега, како што вели, доста ги има и од другите националности.

– Пред да избие пандемијата со коронавирусот, освен храна, на овие семејства им купував и им подарував искористена бела техника, на кој што му требаше. Следев на фејсбук-групата „Дај не фрлај“ која брои 40 илјади следбеници, се јавував и откупував бела техника. Поради коронавирусот тоа не го правам. Сега им доставувам само храна и хигиенски средства, а ако им треба и памперс – ни рече Февзи.

Тој жали што коронавирусот ги затвори луѓето дома и што верниците не ќе можат да ги посетуваат верските храмови за претстојните празници. Но, се надева дека животот на луѓето брзо ќе се врати во нормала и очекува дека неговиот пример ќе го следат што повеќе истомисленици кои ќе им се најдат на луѓето во ова тешко време.

Извор: Вечер

Кликни за да коментираш

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Трендинг

На почеток
error: