Фејсбук има нова опција која им овозможува на корисниците да изработат сопствен аватар. Аватарите можат да се обликуваат така да изгледаат токму како сопственикот на Фејсбук налогот а можат да се користат и како стикери во коментари или на Месинџер.
Фејсбук оваа опција ја воведува како одговор на алатката Битмоџи која во 2016 ја претстави Снепчет, пишува „The Sun“.
-Денес комуникацијата се одвива главно преку интернетот и затоа стана поважно од било кога да бидете во можност да се изразите себе на Фејсбук, напиша Фиџи Симо, која е задолжена за Фејсбук апликацијата.
Корисниците можат да го обликуваат аватарот така што ќе одбираат облик на лицето, носот, усните, боја на очите, косата и слично. Можат исто така и да го облекуваат аватарот, да го нашминкаат и да му стават очила. Изгледот на аватарот може да се промени во секој момент.
Постои и опција Фејсбук автоматски да направи аватар според ваша фотографија.