Медицинска сестра Алесија Бонари, од болницата во Милано, ја доби наградата Личност на годината на филмскиот фестивал во Венеција. Таа стана симбол на борбата против коронавирусот откако покажа дека лицето ѝ е цело со модринки од долго носење заштитна опрема. Алесија се појави на црвениот тепих во елегнтен црн фустан и маска на лицето, а откако ја прими наградата, рече дека веднаш се враќа на работа.
„Благодарам Венеција за сето внимание, но пред сè ѝ благодарам на мојата Италија… Да, ова е сон. Но сега се враќам во Милано на работа,“ рекла таа.
Бонари го сврте вниманието кон себе, но и кон другите медицински лица уште во март. Таа тогаш објави слика на која се гледаат модринките и црвенилото од заштитната опрема што со часови ја носеше во болницата во Милано каде што ги лекуваше пациентите заразени со Ковид-19. Алесија тогаш испрати порака дека носењето маски е еден од најсигурните начини за заштита од коронавирусот.
„Ги замолувам сите што ќе го прочитаат ова да не ги уништат нашите напори, да бидат алтруисти и да останат дома за да ги заштитат најслабите“, напиша тогаш 23-годишната медицинска сестра.