Во последните две години интернет-порталот Веривокс истражува колку луѓе во различни земји во светот треба да работат за да си дозволат ајфон.За ова истражување пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Први на списокот се граѓаните на Лихтенштајн на кои им требаат три работни дена за таа набавка, додека последна на списокот е Молдавија, каде што луѓето треба да работат во просек 85 дена за нов ајфон, пренесува „Дојче веле“.
Пресметката на таканаречениот индекс на ајфон е едноставна, а резултатите се изненадувачки. Цената на најновиот модел на ајфон 12 се споредува со националниот бруто-приход. На потрошувачите во Германија им треба просечно осум работни дена за да заработат за сегашниот ајфон 12 со 64 гигабајти меморија.
Она што изненадува е што овие уреди се поскапи во некои „сиромашни“ земји отколку во „богатите“. Додека во Германија ајфон 12 чини 876 евра, неговата цена во Северна Македонија е 1.061 евра. Без оглед на фактот дека поранешната југословенска република има една од најслабите економии и дека мора да се бори со слаба инфраструктура и висока невработеност. Два милиони луѓе кои сакаат да имаат ајфон по секоја цена треба да работат во просек 76 дена за да го купат, нешто помалку од граѓаните на Молдавија. Паметниот телефон на Епл е слично скап и во Грција, Шведска или Унгарија, каде чини над 950 евра, пишува весникот.