#ФОКУС

Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува за нови мерки

Објавено на

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче истакна дека сите земји во Европа, па и ние го очекувавме овој бран, и ние соодветно на тоа ги подготвивме капацитетите. Во контекст на високите бројки на новозаразени Филипче истакна дека доколку се почитуваа мерките за заштита немаше да дојде до вакво зголемување на бројот на позитивни со ковид-19.

„Ова се случува насекаде во земјите во регионот, насекаде во Европа. Значајно се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи. Во таа смисла, и овие мерки кои сега чекаат законски измени, а веќе следната недела законот е во собрание, се дел од нашиот план за заострување и рестрикции за да некако го ублажиме овој скок на новозаразени лица. Ние живееме со вирусот, така и цела Европа. Доколку се почитуваа мерките немаше да има ваков скок на новозаразени. Свесни сме дека ако тие мерки не се почитуваат, треба дополнителни рестрикции“, рече министерот Филипче.

Тој информираше дека на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се дискутира за тоа дали се потребни дополнителни рестрикции од тие коишто се сега на сила.

„Тоа би вклучувало рестрикција на јавниот превоз, ограничување на работа на угостителски објекти, одредени економски субјекти, компании итн, секаде каде што сметаме дека има ризик. Дел од мерките може да се таргетирани во некои општини, некои може да важат на територијата на целата држава. Сето тоа ќе го дискутираме на утрешниот состанок“, потенцираше Филипче.

На прашањето дали може да се предложи и да стапи на сила мерка со полициски час, министерот Филипче посочи дека во овој момент е се уште рано, но во даден момент може да биде предложена.

„Еден од најдобрите параметри коишто ги следиме е капацитетот во болниците. Иако има слободни места, капацитетот се исполнува. Само претходниот ден имаше голем број на приеми. Во функција е модуларната болница со дополнителните тимови. Болницата во Козле исто така е спремна. Но, гледаме дека се исполнуваат капацитетите и согласно тоа можно е да предложиме и дополнителни рестрикции“, изјави Филипче.

Тој информираше дека состанокот со директорите на установите бил за да се направи системот на ротација на лекарите специјалисти кои ќе работат во модуларното одделение од повеќе интернистички одделенија, како и список за ротација на медицинските сестри, кои исто така таму ќе работат.

Трендинг

Exit mobile version