#ФОКУС
Ковид-19 може да преживее 28 дена на мобилни телефони и банкноти
Вирусот САРС-CoV-2 може да преживее на голем број различни површини многу подолго отколку што се сметаше порано, покажа неодамнешното истражување.
Ковид-19 може да преживее цели 28 дена, односно да ја задржи можноста за инфекција, на површините со кои контактираме секој ден – мобилни телефони, банкноти и нерѓосувачки челик, пренесува Би-Би-Си.
Сепак, некои експерти се скептични во врска со заканата од инфекција преку различни површини во секојдневниот живот.
Вирусот најчесто се пренесува со кашлање, кивање или зборување, потсетува Би-Би-Си.
Претходните студии покажале дека вирусот може да преживее два до три дена на банкноти, стакло и до шест дена на пластика и нерѓосувачки челик.
Но, неодамнешното истражување на австралиската агенција ЦСИРО открива дека вирусот е „екстремно отпорен“ и може да ја задржи можноста за инфекција до 28 дена на мазни површини, како што е стакло од кое се прават екраните на мобилните телефони, како и пластиката и банкнотите. Истражувањето е направено на температура од 20 степени Целзиусови. За споредба, вирусот на грип може да преживее 17 дена во исти околности, според Би-Би-Си.
Експериментите биле спроведени во темница, бидејќи е докажано дека ултравиолетовото зрачење го убива вирусот.
„Утврдувањето колку долго вирусот може да остане активен на различни површини ни помага попрецизно да го предвидиме или забавиме неговото ширење“, изјави извршниот директор на агенцијата ЦСИРО, др. Лери Маршал.
Но, професорот Рон Еклс, поранешен директор на Центарот за вируси на Универзитетот Кардиф, ја критикува австралиската студија и рече дека тврдењето дека вирусот може да преживее 28 дена на секојдневни површини предизвикува „непотребен страв во јавноста“.
“Површинските вируси завршуваат во слузта што доаѓа од кашлање и кивање или валкани раце, а во оваа студија не се користела свежа човечка слуз како метод за пренесување на вирусот. Имено, свежата слуз е непријателско опкружување за вирусите бидејќи содржи многу бели крвни клетки, кои произведуваат ензими кои ги уништуваат вирусите, а исто така може да содржат антитела и други хемикалии кои ги неутрализираат вирусите “, рече проф. Екли.
„Според мене, заразните вируси во слузта на површините можат да преживеат со часови, но не и со денови“, додаде тој.
Минатата недела, Моника Ганди, професор по медицина на Универзитетот во Калифорнија, рече дека коронавирусот не се шири преку површините.
“На почетокот на пандемијата, постоеше многу страв од пренесување на вирусот преку површини. Сега знаеме дека клучот за ширење не е допирање на површините и последователно допирањето на очите. Вирусот се шири кога сте во близина на некој што ќе го исфрли од устата и носот”, рече Ганди.