#ФАЦИ
Маја Оџаклиевска: Немам куќа на Дедиње и базени, живеам 35 години во мал стан и задоволна сум со тоа
Пејачката Маја Оџаклиевска е една од најголемите југословенски ѕвезди, која со својот раскошен вокал ги изведе некои од најубавите, но и најтешки песни за пеење.
Во едно од нејзините последни интервјуа таа истакна дека луѓето со преголеми амбиции се суштински несреќни и затоа таа е благодарна за она што го има. Вели дека е благодарна што има покрив над главата, што има што да јаде, облече, а благодарна е и за љубовта што ја има и ја прима од својот аутистичен внук за кого се грижи.
Маја вели дека за време на пензионерските денови секој момент му го посветува на внукот Луки, а открива и дека спокојот го пронашла во тоа што ја прифатила финансиската ситуација во која се наоѓа.
„Луѓето со преголеми амбиции се несреќни. Може да имаат империи, но тоа не значи ништо. Материјалното е ништо. Јас немам куќа на Дедиње и базени, живеам 35 години во мал стан и задоволна сум со тоа. Не се работи за скромност, туку за сфаќање на ситуацијата и сопствените потреби. Мене ми е доволно тоа што имам покрив над главата, што имам што да јадам и што да облечам“, вели Маја.
Пејачката објаснува дека не мора работите што ги има да бидат обликувани во барокен мебел. Дека луѓето треба да сфатат оти филозофијата на животот е да живеат мирно и убаво.
„Тогаш ќе немате за што да се грижите. Не ви е потребно да имате болни амбиции. Скромноста не е пренослива, но не треба да се биде преамбициозен. Како можете да го постигнете сопственото задоволство? Па така што ќе ја сфатите ситуацијата во која се наоѓате“, вели Маја и додава:
„Треба добро да ги распоредите парите што ги имате. Тоа е поентата. Јас никогаш не сум се позајмувала. Мајка ми еднаш ми рече да си ги истегнувам нозете онолку колку што ми е долга чергата. Ако имаш ќебе, завиткај ги нозете во него, ако имаш јорган, испружи се. Не сакав да му бидам должна никому. Не секогаш сум заработувала премногу пари, но добро сум ги распоредувала. На луѓето парите никогаш нема да им бидат доста. Колку и да имаат, тие ќе измислат нова потреба“, вели Маја.
Таа се надева дека еден ден ќе може да се израдува на национална пензија.
„Се надевам дека еден ден ќе добијам национална пензија. Не поради парите, туку поради сатисфакцијата. На некој начин, за мене, тоа е признание дека нешто сум почнала да правам како што треба. Снимив филм за да ѝ ја исполнам желбата на мајка ми. Вредно работев, секој тест го преживував неколкупати. Кога учествував на некој фестивал, работев на песните за да ги отпеам на најдобар можен начин. Ги негував душата, љубовта, енергијата и времето и затоа ги добивав најдобрите награди. И со својот буџет функционирам. Не смее да се пречекори достоинството“, вели Маја за српски „Блиц“ и додава дека разбира оти за време на пензионерските денови таа нема за што да се жали.
„Ако навреме се погрижите за сите работи, на крајот ќе се задоволите и со пензијата што ја примате. Прекрасно ми е и за ништо не се жалам. Целото човештво сега некако живее на ист начин. Младите треба да се жалат затоа што не им е дадена шанса да го проживеат животот. Јас имам на што да се сеќавам, повеќе немам амбиции за да создавам и доживувам. Човек во пензија наоѓа место за да се смири, а јас се помирив со многу работи. Сега имам љубов кон внукот, кој е прекрасно дете. Водам мирен живот од утрото, а денот го почнувам со кафе. На своите 50 години ѝ се предадов на професијата и мислам дека тоа беше доволно. Мирниот живот нема цена. Им завидувам на монасите. Тие навреме се сетиле да имаат мир. Ние постојано сме во некои немири и хаос“, вели Маја.
Пејачката вели дека пред десет години влегла во „Фарма“ за да заработи пари за да ги образова своите наследници, како и дека нема намера тоа да го повтори.
„Во релано шоу бев еднаш за да ги школувам ќерките. Тоа беше мојата цел, не да покажам која сум или нешто слично. Никогаш потоа не посакав да се вратам“, вели Оџаклиевска.