Диего Марадона беше погребан далеку од очите на јавноста, но телото на славниот фудбалер остана без срцето.
Оваа сензационална информација ја објави угледниот аргентински весник „Кларин“, повикувајќи се на извори блиски до истрагата, која беше започната веднаш штом во средата се дозна дека, околу пладне по локално време, славниот фудбалер починал во куќата во која закрепнувал од операцијата на главата.
Имено, како што истакнуваат изворите на весникот, за време на обдукцијата, лекарите забележале дека срцето на Марадона е многу поголемо отколку што очекувале, па, веројатно со договор со семејството, го зеле срцето на легендарниот ас за дополнителни прегледи.
Пет патолози утврдиле дека Диего Армандо Марадона починал од срцев удар.
Тие потоа истакнаа дека станува збор за „конгестивна и хронична срцева слабост“. Проблемот „довел до акутен белодробен едем, кој потоа предизвикал смртоносен исход“, соопшти медицинската служба, која ја извршила обдукција.
Сепак, она што во тоа време не беше објавено во јавноста, како што дознаа аргентинските новинари, е дека за време на обдукцијата е утврдено дека срцето на Марадона е абнормално големо.
„Срцето на Диего беше извадено и сочувано поради понатамошно испитување, бидејќи се покажа дека е двојно поголемо од обично“, пренесува „Кларин“, повикувајќи се на свои извори од истражниот процес.