#ФОКУС

Не е проблемот Занзибар туку умот, тие се себични, безобразни и негрижливи кон другите

Објавено на

Денис Јанкуловски од одделението за микробиологија во Центарот за јавно здравје, во јавноста познат како Космонаутко, на социјалните мреќи објави статус во кој вели дека проблемот не е во тоа што не се бара тест на влез во Занзибар или на влез во земјава, туку проблемот е до состојбата на умот.

„Не е работата дали е Занзибар или друго место. И не е проблемот тоа што не бараат ПЦР тест за влез на островот.
И не е главниот проблем што на враќање државава не бара тест за влез во земјава.
Проблемот е до состојбата на умот.
Не знам зошто е така, навистина не можам да си објаснам. Ај слушам менталитетот ни е таков. Е не, не може за се да се вадиме на тоа „абе такви сме по природа“. Еве јас не сум, моите не се, и стотици илјадници други не се. Ние сите повеќе од година почитуваме правила, жртвуваме многу работи, не само своето време, не само дружбите со роднините и пријателите. Жртвуваме дел од животот кој иако некој ќе рече, абе ништо, една година, сепак не е тоа малку. Секоја година, секој ден е драгоцен. Ама уште на почетокот си всадивме во глава дека тоа што треба да го правиме е за наше индивидуално но и општо добро. Било која препорака, мерка ја прифативме и се уште ги прифаќаме затоа што се грижиме.
Главниот проблем е што ние мислевме дека живееме и дишеме ист воздух со исто така свесни и совесни сограѓани и мислам дека на почетокот не ни помислувавме дека ќе има такви разочарувања од нивните потези. Па дури и кога ќе помислевме еве пак ли ама ај ќе им дојде памет, не бре брате, им текнуваше нешто ново. Секогаш се креативни во заобиколување на законите, во начините како да го заебат системот.
Ама не се тие криви, некој им дозволува. А колку повеќе им дозволуваш толку безобразните се побезобразни, добиваат на сила и на крилја. А ние и понатаму со стегнати души кога излегуваме, внимаваме на секој чекор, се пазиме затоа што имаме семејства, имаме деца, внуци но имаме и повозрасни родители на кои веројатно и најмногу мислиме.
Дали не сакаме и ние да отидеме на кафе или убава вечера во ресторан заедно со семејствата и пријателите? Мислите дека ние после цела година затвореност и неизлезенот не сакаме да сме во Занзибар или некој нему сличен?
Зошто не можете да се стрпите и да помогнете во што поскоро сузбивање на пандемијава затоа што факт е дека на сите ни е мачно?
Не може да очекувате државата да е место вас или останатитот дел од народот да жртвуваат дополнително од себе за вашето безобразие. Толку е силата, толку е моќта. Оние совесните го даваат максимумот. Ама не можат и за вас тоа да го прават.
Знам, ќе ми речат џабе збориш Денко, не допира. Знам, јасно ми е. Ама никогаш нема зијан од апел и уште еден па и уште два и три. Нема да се откажам затоа што уште од тоа да се откажеме тогаш што останува?
Господ златен?
Е токму на Господ….земам брис на повозрасна жена и вика ајде Господ златен да е негативен. Ајде викам, дај боже. Отпосле ми кажува како се собрале пред зграда неколку комшики, додуше не носеле маски, тешко им било.
Епа викам драга госпоѓо, тука ни златниот не помага!
Значи сепак до умот е. Треба да се наместени дека мора да се издржи и дека е поубаво да не одат во Занзибар каде има друг сој за да не го донесат овде и дека само на тој начин можеме да се обидеме па и да се надеваме дека ќе излеземе побрзо од лавиринтов. Но не се. Себични се, безобразни, негрижливи кон другите но и полошо и за себе.
Не може човек да биде индиферентен кон сето ова што се случува, кон опасноста од пролонгирање на кризата уште подолго но и поголемата опасност стравот за оние што ги сакаме, што ни се блиски.
Ама сепак.
Апел за реално гледање на ситуацијата, прифаќање на тоа дека уште ќе трае, прифаќање дека ако не соработуваат со останатите и подолго од уште ќе трае. Одамна викам и пак ќе речам.
Никогаш не е доцна па и кога мислиме дека нема поента веќе. Мора да има. Јас ќе бидам досаден ама ќе кажувам.
Ќе повторувам „Ве молам за совесност“ додека не ја видам навистина совесноста 102%.
Или со зборовите на Sean Connery – Никогаш не вели никогаш“, стои во објавата на Фејсбук.

Трендинг

Exit mobile version