Министерството за здравство синоќа информира дека кај починатиот Амди Бајрам постмортем е утврдено дека истиот бил позитивен на Ковид-19. Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на натамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот.
МЗ изрази сочувство до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, погребот да се спроведе согласно протоколите.
„Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од натамошно ширење на инфекцијата од Ковид-19“, се наведува во соопштението.
Амди Бајрам ќе биде погребан денеска на гробиштата во Бутел, а од неговиот дом во населбата Бутел ќе тргне и погребната поворка. На социјалните мрежи се споделува повикот сите Роми и не-Роми да се придружат на поворката од 14 часот.
„Ги повикуваме сите на кои им помогна, роднини, пријатели, политичари, бизнисмени, организации и сите Роми и не-Роми, за последен пат да го испратиме до вечниот дом, затоа што заслужува, затоа што беше голем Ром и пред се голем човек“, се вели во повикот.
Општината Шуто Оризари денешниот ден (25.10) ќе го прогласи за ден на жалост во чест на починатиот Амди Бајрам.